Владо Димовски

Еден мој пријател многу сака да пие вода од флаша. А, бидејќи знае дека сум по јазикот, честопати знае да ми рече: „Доста ме поправаш, ќе ме изнервираш и ќе те пикнам во некоја флаша“. И не дека не знам што е флаша и не дека не е слатко да се пие вода од неа, но флашата кај нас е шише.
Пријател, чекам да ме пикнеш во шише, но и тогаш грешките што ги правиш ќе ти ги поправам.
Ми остана уште да извадам еден афоризам од моето шише полно со сѐ и сешто. Излегов од кожа… сакаа да ме одерат!


Чувајте го јазикот!

„Јазикот е нашата единствена татковина“, велеше познатиот македонски писател и лингвист Блаже Конески. Но сведоци сме дека токму тој македонски литературен јазик, ние во последниве години не го чуваме, не го негуваме и надградуваме.
Драги деца, за да растете и вие читајќи и зборувајќи на стандарден македонски литературен јазик, во „Колибри“ објавуваме рубрика „Зборуваме македонски“, чиј автор е Владо Димовски, голем пријател на децата и наш познат писател за најмладите и автор на многу детски радио и телевизиски емисии со кои растеа многу генерации, меѓу кои една од најпопуларните беше серијата „Умни глави“ што ја емитуваше Македонската телевизија.
Е па, и бидејќи и вие сте умни глави, се надеваме дека серијалот што го започнуваме, ќе ви помогне да го зборувате македонскиот јазик без грешки, а така и да пишувате!