Градинката „13 Ноември“ од Скопје одбележува голем јубилеј
Градинката „13 Ноември“ деновиве ќе го одбележи својот патронат, Денот на ослободувањето на Скопје, име што го носи со гордост, а се споменува и во химната, во која детските гласчиња пеат: „Градинката наша лична како слика, 13 Ноември вечно ќе се вика!“
Но во текот на целата измината година, со многу елан и креативност се одбележуваше еден многу важен јубилеј – 70 години постоење.
Веројатно се прашувате која е формулата за долговечноста и успешноста на оваа образовна установа, која ги поставила темелите за идното образование на сите дечиња што тука растеле, ги направиле првите чекори, ги научиле првите песнички, склопиле пријателства што траат цел живот.
Можеби тоа е мотото на градинката, кое вели: „ЈУДГ ОЦ ‘13 Ноември’ е установа во која владеат љубовта, нежноста, грижата, насмевките, ведрината, позитивната мисла, желбите, играта, безгрижниот сон, другарството, добрата атмосфера, толеранцијата и отвореноста, во која детските интереси и потреби за постојан развој се приоритет“.
Освен матичниот објект на улицата Никола Тримпаре број 17-а, градинката има уште три објекти: Парк, Јасмин и Кукушка. Во сите нив се обезбедени сите неопходни услови за правилен раст, развој, воспитание и образование на деца од осум месеци до поаѓање на училиште. Таа е установа што нуди здрава исхрана и квалитетна воспитно-образовна работа, а на секое дете му нуди можност да се развива во согласност со неговите можности, потреби и интереси. Градинката располага со стручен кадар, кој постојано се усовршува и надградува.
– Во иднина, ЈУДГ ОЦ „13 Ноември“ ја гледаме како современа, транспарентна и прогресивна установа, од која ќе бидат задоволни детето, родителот и воспитниот кадар и која перманентно ќе гради партнерски односи со семејството и локалната средина.
Ќе бидеме голема и безбедна градинка, во која ќе се негува тимската работа, со поддршка на родителите и надлежните институции. Од своето постоење, цели 70 години, нашата установа успеала да се промовира во безбедна, сигурна и стимулативна средина, во која секое дете ќе има еднакви можности да учи и развива компетенции што се важни за растење и живеење во демократско, граѓанско општество (почит кон другите, соработка, проактивност, одговорност и сл.) и во која ќе се почитува детската перспектива, а децата ќе бидат активни учесници во сопствениот развој – вели директорката Ружица Биџовска.
М-р Ана Цветкоска-Панова, советничка ликовен педагог, нѐ запозна со дел од активностите реализирани по повод роденденот.
– Во чест на 70-годишниот јубилеј, во текот на изминатата година, нашата градинка, „13 Ноември“ – Скопје беше идеен креатор и домаќин на многу програмски активности, преку кои, како установа што секогаш тежнее кон квалитет и честопати е креатор на нови образовни содржини и иновативни практики, двигател и мотиватор на пошироката јавност, својата дејност ја промовира со стручни соработки и голем број проекти. Ќе споменеме некои што ги сметаме за најрепрезентативни. Реализиравме ликовен конкурс „Деца уметници во центарот на Скопје“, на ниво на општината Центар. На конкурсот со ликовни творби учествуваа деца од четири до шестгодишна возраст, од трите градинки што гравитираат на оваа општина. Оваа манифестација првпат се реализира од страна на нашата установа, а повод е 70-годишниот јубилеј. На финалниот настан, на 26 мај, во дворот на матичниот објект ги изложивме творбите, а им беа врачени дипломи на наградените деца, како и благодарници за нивните ментори воспитувачи – ни рече Ана Цветкоска-Панова.
Исто така, во рамките на активностите е промовиран и прирачникот за деца и родители „Омилените рецепти од мојата градинка“, наменет за деца и за родители.
Промотори на ова издание беа д-р Лена Дамовска, професорка на Институтот за педагогија на Филозофскиот факултет при УКИМ, и познатиот готвач Филип Поповски од емисијата #ГотвимеСоФичо, кои секој од свој аспект ја објаснија потребата од слични изданија на македонски јазик. Идејата за овој прирачник даде и ја овозможи неговата реализација директорката на градинката Ружица Биџовска, а јас ги направив дизајнот, илустрациите и комплетната графичка подготовка – посочи Цветкоска-Панова.
Една од роденденските активности е и создавањето три анимации, во рамките на проектот „Подарок за градинката“, претставени на 10 јуни. Тоа се „Измешани“, „Добра ноќ“ и „Чевлите на стоногалката“. Всушност тоа се видеоанимации, реализирани во техники на стоп-кадар и динамичен кадар, кои се креирани во текот на соработката на градинката со СУГС „Јосип Броз-Тито“. Изработени се во целост од ученици од трета и четврта година што посетуваат настава на Диплома-програма на меѓународна матура при истата гимназија, како дел од КАС-програмата, под менторство на професорката м-р Ангелина Дамјаноска Наумоска, а во стручна консултација со Ана Цветкоска-Панова.