Во Будва, Црна Гора, неодамна се одржа втората регионална конференција на најдобри наставници на поранешна Југославија под мотото „Светот на образованието ги брише границите“, во организација на Асоцијацијата на најдобри наставници од поранешна Југославија.
Основачи на асоцијацијата се Весела Богдановиќ од Македонија и Жељана Р. Лукиќ, двете финалистки на „Глобал тичер прајз“ во изминатите години.
На конференцијата, која се одржа до 30 мај до 2 јуни, присуствуваа 230 наставници, некои од нив се претставија со постер-презентации, а 15 како говорници и предложија идеи за реформи во образованието.
Поддржани од Бирото за развој и Министерството за образование и наука и од амбасадорката на асоцијацијата од „Просветно дело“, Ксенија Маказлиева Трајчева, нашите педесетина претставници од Македонија беа дел од оваа конференција.
Меѓу презентерите се најде и Билјана Лазареска од ООУ „Вера Јоциќ“ Скопје, во општината Гази Баба.
– Задоволна сум што бев дел од оваа конференција. Беше корисно да се слушнат различни идеи и искуства од колегите од поранешна Југославија. Како дел од реформите во образованието јас одбрав да зборувам за карактерното образование во редовната настава. Зошто го одбрав токму ова? Бидејќи најголемата наша мисија е како да се биде подобар човек! Кој е одговорен за тоа? Колку ние како луѓе сме се запрашале себеси кои се нашите најпозитивни карактеристики? Доколку сме искрени треба да ги откриеме и нашите послаби страни од карактерот за да можеме во текот на целиот живот да се подготвуваме да бидеме колку што можеме подобри. Најдобрите ние, тоа е всушност и поентата на човековото живеење. Секој ден, на 100 различни начини нашите ученици нѐ прашуваат безброј прашања и нивното однесување се рефлектира најчесто од начинот на кој сме им одговориле и времето што сме им го посветиле – вели Лазареска.
Изминатата година во Македонија беше организиран образовен камп, поддржан од УНИЦЕФ-Македонија, Бенџамин Перкс и од „Смарт ап“ невладина организација.
– Макотрпната работа од неколку месеци, опсервацијата на наставата во и надвор од училницата, интервјуата на наставници, директори, педагози нѐ донесоа до заклучокот дека нашите установи во кои работиме како наставници се воспитно-образовни установи, но низ тој образовен процес недостига воспитната компонента или многу малку се спроведува. Затоа моја цел беше да истакнам дека ние би ги спровеле воспитните компоненти во редовната настава. Решението ни е платформа на македонски јазик со активности и игри каде што ќе бидат вклучени наставниците, а преку нив и децата и родителите. Секој наставник несебично ќе треба да даде придонес и да е што повеќе мотивиран да ги имплементира воспитната компонента и просоцијалните вредности низ наставата и наставниот процес – истакна Билјана Лазареска. К.Ш.