Најновата книга за најмладите читатели на писателот Трајче Кацаров, „Приказна за мачорот Ал“, што ја издаде „Просветно дело“, својата штипска промоција ќе ја има на 9 јули, во рамките на манифестацијата „Штипско културно лето 2020“.
Во февруари, сликовницата, за која илустрациите ги направи Боркица Арсевска, беше претставена во центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани.
На промоцијата присуствуваа голем број гости, наставници и ученици од второ до шесто одделение од основните училишта во Кочани, како и вљубеници во пишаниот збор од сите возрасти.
Инаку, ова е десетта книга за деца на писателот Кацаров, кој во јавноста е повеќе присутен како автор за возрасни, но, еве, веќе 20 години ја негува и литературата за деца.
– Мојата последна книга што им ја посветив на младите читатели е приказна за еден мачор што е многу мрзлив и алчен. Таа испраќа порака дека овие особини секогаш му наштетуваат на оној што ги поседува. Во случајот тоа е мачорот Ал, кој сака да стане крал на седумте празни канти за смет, каде што, како што вели, сака да ја проживее својата мирна старост, со круна од тенџере и на престол од стара канта за смет. Порака до децата е дека до успехот не се оди по патот на мрзливоста, туку со труд, дружељубивост и креативност – вели авторот Трајче Кацаров.
Во кралството на седумте канти
Мачорот Ал, кој живее
во градот Дојди-Ојди
на улицата „Бистра боза“
го фати нервоза
Фрчи-мрчи,
Каска-траска,
По кантите
ем копа, ем тропа.
Да смисли брза,
Како да се ослободи
Од прекарот „мрза“
Па бара работа
Од која ќе одмора
Од понеделник до сабота
А во недела,
Заслужено ќе празнува
Зашто за работење тогаш
Дебело се казнува
2.
И служејќи се Ал,
со умот остар сал
наjде работа тешка
колку џиновска смешка
Во кралството на
„Седумте канти“
стариот мачор Ал,
се прогласи за крал.
„Потешка работа, здравје“,
си рече стариот Ал.
„Но, како и да е, добро е
кога работа ќе се најде.“
(Од книгата „Приказна за мачорот Ал“ на Трајче Кацаров)