Во Културно-информативниот центар во Скопје, поточно во популарниот салон „19.19“, вечерва, ќе се одржи промоцијата на две дела од авторката Оља Петрушевска-Томева. Ќе бидат промовирани збирката раскази за деца насловена „Волшебната авантура“ и романот за возрасни „Одмаздата на богомолката“.
Ние се фокусиравме на книгата за деца, па затоа на нашите читатели ќе им откриеме нешто повеќе за неа. Рецензенти на книгата се поетот Филип Димкоски и новинарката и писателка м-р Татјана Гогоска, кои ќе бидат присутни на промоцијата и ќе говорат за книгата. Илустрациите и корицата за книгата, пак, ги направи Марко Томев. Водителка на настанот е Елена Максимовска, а музичката програма ќе ја исполни Ана Томев.
Предвидена е и драмска игра преку која ќе се претстават дел од расказите поместени во книгата во изведба на Марко и Филип Томеви.
Книгата „Волшебна авантура“, всушност, содржи два подолги раскази. Едниот со истоимениот наслов на книгата, а другиот со наслов „Јас, Ана и нашето детство“. Содржините се интересни, изворно пренесени случки од детскиот живот, искомбинирани со малку фантазија, а сепак блиски, особено за децата од рана училишна возраст.