Наградените ученици на конкурсот

Здраво!

Би сакал да ви ја раскажам мојата историја на комуникација, каде сѐ сум поминал. Се родив пред повеќе од 23 века, од пергамент напишан со крв од перото во раката на еден славен војсководец. Како писмо што патува, детството го минав во рацете на многу писмоносци, залулан од галопот на нивните коњи, носејќи новини, планови, победи, порази, радости.
Бев многу важен и значаен за сите оние чии најблиски беа далеку од своето родно огниште.

Јас бев Тој, главниот со кој луѓето споделуваа новости. Испишан со мастило, со симболи, со цртежи, претставував врска меѓу луѓето што одамна не биле во контакт. Не постои сокак, не постојат улица, град или село, каде што не сум прошетал, но и затворен во шише препливував многу мориња. Носев абер во гулабов лет од јунаците во занданите до нивните сакани. Некогаш дремев под прагот или стуткан во камен, дофрлен низ портите и прозорците на љубовниците. Многупати се наоѓав под перницата обземен од мечтите на младите девојки или срцата на младите момци. Често пати не ни успевав да стигнам до бараната дестинација, па најчесто завршував во кантата за отпадоци.

Бев и свето послание. Најмногу ме трогнуваше животната судбина на луѓето што ги изгубија своите најблиски во виорот на војните или во уздите на печалбарските земји. Колку ли само солзи радосници или солзи жалосници ме имаат облеано и погалено, колку ли само срца притаено ме имаат очекувано. Но сите овие спомени сега се одвеани од ветровите или изгревале како сонцето. Но и си отишле и повеќе нема да се вратат.

Исто и јас остарев, станав стар и недоволно употреблив. Развојот на модерниот начин на живеење остави зад себе спомени што вечно во срцата ќе ги носам. Но јас опстојував и ќе опстојувам во времињата, носејќи го времето на модерната цивилизација.
Писмото нека остане вечна комуникација меѓу народите.

Тодор Пењушков
ООУ „Димката Ангелов-Габерот“, с. Ваташа – Кавадарци
ментор: Александра Бошков

Ученикот Тодор Пењушков (12), со ова свое писмо победи на Конкурсот на Сојзуот на пошти на Македонија, со наслов: „Замисли си дека си писмо, кое патува низ времето“.