Во литературното катче „Од згода до згода, заграб бистра вода“, објавуваме песни на познатиот македонски писател Васил Мукаетов, од книгата „Поглед со двоглед“, инспирирани од творештвото на големиот собирач на народни умотворби Марко Цепенков.
„Зрнце по зрне – погача.
Капка по капка – море.
Умниот Марко собирал
сѐ што народот
премудро зборел.
Бисер до бисер, течно
За да ни остане вечно!“
Ете, вака, со стихови, Мукаетов ни објаснува зошто ја напишал оваа негова книга.
– Во богатото творештво на Цепенков има приказни, умнозборки, пословици и поговорки. Некои од оние што се однесуваат на децата ги ставив во песни. И пак со желба – за поука и радост. И самиот Цепенков напишал: „Кога ќе и препееф пословиците, голема радос и лезет усетуеф“ – додава Мукаетов.
Кој кому се лути
Дали да се загрижиме,
или да замижиме?
Нашите две братчиња,
како две шатчиња.
Непредвидливи,
за сѐ – завидливи!
За сѐ ситно што ги дели,
тате вели:
Тенџерето си го нашло
капачето!
Песната „Кој кому се лути“ е инспирирана од поговорката запишана и зачувана од Марко Цепенков, која гласи „дете мало ет како кучето и мачето“.
Наместо белешка за авторот
Васил Мукаетов е македонски писател за деца. Роден е во Кавадарци, а со своите читатели другарува уште од 1960-тите години, преку списанијата „Титов пионер“, „Другарче“ и „Колибри“, а денес е застапен и на страниците на „Другарче“ и „Развигор“.
Автор е на десетина книги: „Ти реков, ми рече“, „Ај погоди“, „Да нацртаме другар“, „Кој кого расте“, „Децата можат сѐ“ и други. Застапен е во повеќе учебници по македонски јазик и литература за основното образование. За неговата книга „Скокни, прескокни“ е добитник на наградата „Ванчо Николески“ на Друштвото на писателите на Македонија.