Писмото на Матеја е испратено до Меѓународното биро на Светскиот поштенски
сојуз во Берн, Швајцарија, каде што ќе се натпреварува со другите литературни состави од сите земји-членки
„Поштата на Северна Македонија“ во соработка со Сојузот за грижи и воспитување на децата на Македонија, а по иницијатива од Светскиот поштенски сојуз, го организираше натпреварот за најдобар литературен состав, по повод 9 октомври, Светскиот ден на поштата. Темата што беше зададена од Светскиот поштенски сојуз за оваа година е „Напиши писмо за твојот херој“.
Комисијата во состав: Горјан Петревски, писател и претставник од Сојузот за грижи и воспитување на децата на РМ, Мустафа Ибраими, универзитетски професор, Марија Таушанска, уредничка на списанието за деца „Колибри“ во дневниот весник „Нова Македонија“, и Валентина Цветкоска, додели награди за прво, второ и трето место, а пет литературни творби беа пофалени.
Најдобриот состав, писмото на Јована Масинова од ОУ „Св. Кирил и Методиј“, Велес, е испратено до Меѓународното биро на Светскиот поштенски сојуз во Берн, Швајцарија, каде што ќе се натпреварува со другите литературни состави од сите земји-членки на Светскиот поштенски сојуз.
Матеја Петрушевска од ОУ „Христијан Тодоровски-Карпош“, Куманово, е добитничка на втората награда, а Илеза Мустафи од ОУ „Башкими“ од Гостивар го освои третото место. Пофалени се следните ученици: Ева Карамановска, ОУ „Рајко Жинзифов“, Ива Танческа, ОУ „Гоце Делчев“, Суела Рушити, ОУ „Фан Ноли“, Дамјан Блажевски, ОУ „Јан Амос Коменски“ и Тијана Пуриќ од ОУ „Вук Караџиќ“.
Светскиот ден на поштата се прославува секоја година на 9 октомври, а целта на овој литературен конкурс е да се подобрат уметноста за пишување и вештините за изразување, а во исто време и да се негува традицијата за пишување писма. Одлуката за прослава на Светскиот ден на поштата е донесена на конгресот на Светскиот поштенски сојуз во Токио, во 1969 година.