По повод патрониот празник во ОУ „Страшо Пинџур“ во Мало Коњари

Основното училиште „Страшо Пинџур“ во селото Мало Коњари, во близината на Прилеп, минатата недела го одбележа патрониот празник. Една од активностите како и секоја година е организирањето литературен настан. Годинава учениците од училиштето домаќин, како и учениците, гости од основните училишта „Манчу Матак “ од Кривогаштани, „Јонче Смугрески“ од Обршани и од основните училишта „Кочо Рацин“, „Блаже Конески“, „Добре Јованоски“ и „Кире Гаврилоски-Јане“ од Прилеп имаа малку поразлична, позабавна и понесекојдневна литературна средба.
По покана од директорката на ОУ „Страшо Пинџур“ Ирена Кироска, кај учениците на гости беше младиот поет Филип Димкоски, кој ја одржа работилницата со наслов „Креираме и рецитираме“.

Низ заедничко дефинирање на рецитирањето, запознавање со неговите основи, слушање рецитации, читање лични литературни творби и се разбира рецитирање учениците, присутните наставници и директори на училишта заедно учеа, беа активно вклучени во едукативните игри, се сретнаа со песни од многу македонски поети и со внимание ги слушаа рецитациите на поетот што им беше на гости.
За организацијата одговорна беше наставничката по македонски јазик Зорка Сотироска, на која ѝ помагаа нејзините вредни ученици, а се вклучи и наставничката Ленче Петкоска, исто така со своите ученици.

За учениците од различни одделенија целите деведесет минути поминаа брзо и тие без да трепнат активно учествуваа во секое делче од работилницата. И како што бидува, се избраа најдобри рецитатори, кои добија книги за подарок, се избраа и најдобри ракописи од играта „Најдобар ракопис“ и најдобрите пишувачи исто така добија книги, а сите ученици добија благодарници за учество во работилницата.
И од страна на учениците и од страна на наставниците беше изразено задоволство од работилницата и од постигнатите цели, со желба во иднина да имаат што повеќе вакви средби каде што на забавен начин ги развиваат техниките на пишување, творење и рецитирање. 


Треба да пораснат

Возрасните треба да знаат,
дека треба да растат и растат,
за ѕвездоредот да го фатат
и децата да ги сфатат.

Да пораснат не во тежина и висина,
туку во ум и чистина,
сѐ што е добро треба да зберат,
па дури тогаш децата да ги разберат.

И, родители, немојте да слегувате,
да се мачите
на ниво на детето,
не треба да се симнете,
туку да се искачите.

Филип Димкоски
(од книгата „Заедно да растеме“)