Во Кичево
Со поддршка на Министерството за надворешни работи на Израел и амбасадорот во нашата земја Дан Оријан, основното училиште „Кузман Јосифоски-Питу“ од Кичево доби техничка опрема и првпат обезбеди и 3Д-печатач, што во моментов го прави единствено основно училиште во земјава со вакво современо помагало.
Оваа донација се состои и од обични печатачи, паметни табли со проектори и лаптопи. Заедно со опремата е донирана и специјална илустративна изложба, во која низ илустрации и кратки коментари се прикажани и опишани примери за иновации и претприемаштво.
На примопредавањето, израелскиот амбасадор истакна дека е од исклучителна важност да се вложува во образованието и иновациите во нашата земја и дека Израел ќе продолжи со развивање на партнерството со Македонија во различни сегменти.
– Нашето минато е заедничко и ќе продолжиме да го негуваме, а и во иднина ќе работиме како партнери на многу проекти.
Со оваа донација учениците од ова основно училиште ќе имаат можност и пристап до подобра техничка опрема за следење на наставата – рече Дан Оријан.
На церемонијата за донираната опрема се заблагодарија претставникот задолжен за образование на Општина Кичево, Емин Насуфи, и директорот на училиштето со 630 ученици, Драган Андрески. И двајцата во своето обраќање ѝ се заблагодарија на израелската амбасада за донацијата и истакнаа дека оваа донација во добра мера ќе го зголеми квалитетот на наставата во ова училиште и ќе помогне да се фати чекор со современиот и дигитален свет.
Инаку, ова училиште годинава ќе одбележи убав јубилеј, 60 години од почетокот со работа.