Илустрација: Игор Јовчевски

Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“

Приказнарот: Н!!! Нема ништо поубаво од небо полно ѕвезди. Некоја ѕвезда сигурно гледа и во вас. Погледнете нагоре и ќе ја најдете вашата ѕвезда. Измислете ѝ име и засекогаш ќе биде само… ваша. Н… Што може да биде Н?!… Н може да биде Науме од Наколец кој наумил да се ожени со Надежда од Новаци. Наколец е село во Ресенско, Новаци во Битолско. За Наумета и Надежда ума неколку приказни, јас ќе ви ја раскажам првата. Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата Н да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната заедно ќе ги отклучиме.

Приказнава е стокмена за некојси Науме од Наколец од времето кога жителите на ова село живееле во куќи на колци или, како што велат, во наколни куќи. Куќите биле внатре, во водите на Преспанско Езеро. Науме живеел во една наколна куќа, десно од куќата на гледачката Наумка. Наумка живеела сама и знаела да гледа на мазни камчиња собрани од крајезерскиот песок, бели мазни камчиња. Ќе се наведнела над една голема тава и гледала. Науме станал за женење, ама во Наколец имало само две моми за мажење, Нуна и Невена, но и двете му биле братучетки на Наумета. И затоа решил да оди кај Наумка за да му каже што го чека, демек која ќе биде негова невеста.

– Тетка Наумке, дојдов да ми гледаш – срамежливо ѝ рекол Науме на Наумка.
– Те чекав, знаев дека ќе дојдеш- се насмеала гледачката.
И, така, се наведнала Наумка над тавата, ги фрлила белите мазни камчиња…
– Момче, ти стои голема работа. Во Новаци има една Надежда и в недела ќе биде твоја. Купи коњ и тргај на пат.

Науме уште вечерта ги фрлил мрежите в езеро и цела ноќ не заспал, мислел дека ќе фати доволно риби за да си купи убав коњ. Утрото, мрежите полни со риби, од тие нивичките белвици. Не можел да ги извади од вода. Абре, дебре, ги извадил некако, ги продал и си купил коњ. Неделата, рано-рано, тргнал за Новаци. Кога таму, во една голема ливада се насобрал народ, што се вели, како плева. Не само луѓе, ами и коњи колку сакаш. Ееее, што била работата. Имало голем натпревар со коњи, та кој ќе стигнел прв на целта, негова ќе била убавата Надежда. Била ќерка на најбогатиот в село, во Новаци. Се запишал и Науме за трката и коњите тргнале. Публиката скокала и викала, коњите галопирале… и… И, кога, како во некоја приказна со среќен крај, Науме од наколното село Наколец стигнал прв. Си ја зел Надежда, ја качил на коњот и право во Наколец. Ама Науме наш во Новаци видел куќи на суво, многу му се бендисале и тој бил првиот наколчанец што излегол од вода. Си направил куќа во наколечко поле, виделе другите и сите по него. Денес наколни куќи во Наколец нема.

Жителите на ова село си имаат овоштарници, таму зреат највкусните јаболка што наколчани ги продаваат по пазарите и од тоа живеат. А, да, да, фаќаат и риби, но не ги продаваат за да купат коњи, туку рибите завршуваат во нивните тави. Нивичките белвици ги прпелкаат во брашно и ги печат во рерните на шпоретите на дрва. Одете во Наколец и пробајте ги печените белвици, а за јаболката да не ви кажувам, големи, црвени и сочни, токму како за дечиња. Како да не ми верувате, а?
Ако ми верувате арно, ако не уште поарно!

За крај зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата Н ги отклучуваме: Наколец, Новаци, Надежда, Науме, Наумка, нивички белвици, наколни куќи, наколчани, наколечко поле, недела, натпревар, небо, нема, ништо, некоја, нагоре, наоѓа, наумил, наведнува, Нуна, Невена, народ, негова, наш, наколчанец…


Наместо белешка за авторот

Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.
Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.