Проект на детскиот културен центар „Карпош“
Во саботата напладне беше весело и разиграно во Едукативниот центар за деца на Скопската зоолошка градина. Во рамките на манифестацијата „Бела ноќ“, во организација на „Универзалната сала“ беше претставена мултимедијалната боенка „Зооазбука 2“, проект на детскиот културен центар „Карпош“, чиј идеен творец е д-р Билјана Лалчевска Серафимовска, директорка на центарот, а во реализацијата учествуваат голем број креативци.
– Тука во прекрасниот амбиент на Зоолошката градина, заедно со директорот и негувателите на нејзините жители, еве и ние како детски културен центар и се приклучивме на манифестацијата „Бела ноќ“ и го претставивме нашиот проект „Зооазбука 2“, чија цел е од најмала возраст да ги едуцира децата за животните. Има и нотна тетратка, со нотите на некои од песничките, тука е боенката и, секако, стиховите на песничките за животните од различни континенти што живеат тука. Има податоци за нивните живеалишта, начинот на исхрана и начинот на однесување.
Преку едукација од овој тип верувам дека сите заедно ќе придонесеме за издигање на свеста кај посетителите, бидејќи боенката содржи и Зообонтон и уште нешто многу корисно: мапа на целата градина. И, секако, тоа е убав начин полесно да се совладаат буквите. Предвидено е да се издадат четири мултимедијални боенки, а заедно со нив се издаваат и цедиња со песнички посветени на животните – ни рече Лалчевска Серафимовска.
Таа е авторка на повеќе публикации за деца од областа на образованието и културата.
Уметнички директор на проектот е Александар Митевски, кој е и автор на музиката на песничките, Томислав Таневски е стручен соработник, а Ирина Костовска, програмска организаторка. Интересните текстови ги напишаа: Викторија Пауноска, Драган Михајловски и Манчо Митевски. Илустрациите се дело на Здравко Гиров, а за техничкото уредување се погрижи Владимир Хаџи Пулевски.
За убавата атмосфера на промоцијата свој удел имаа и членовите на детскиот хор „Гласот на децата на Скопје“, кој работи во рамките на ДКЦ „Карпош“, под диригентската палка на музичкиот педагог Борислав Јоргушевски. Водителка беше Татјана Милановиќ, која работи како кореографка во центарот. М.Т.
Антилопа
Родена во Африка
живее во крда
во топлата савана
од сенка не се мрда.
Се пентари ко коза
и пасе како крава,
а знаете ли деца
и млеко дека дава?
Кога не дај боже
лавот ќе ја збрка
како маратонец
спремна е за трка.
Фламинго
Во Скопската зоолошка
гости дојдоа
и во розово ја обоија.
Во лагуната се населија
и пингвините
соседи добија.
Стројни, високи,
многу убави,
храна чуваат во своите
клунови.
И си живеат во јата
големи
да ги видите
сте добредојдени.
Лав
Еден ден во зоопаркот,
таму кај магарето Марко
се сретнаа еден кралски
и еден морски лав.
Јас сум лав – рече Чака.
Јас сум лав – рече Кан.
Едниот си има грива,
а другиот добро плива.
Ниту Војо од зоопаркот,
ниту пак магарето
Марко
не знаат сега кој е прав
и кој од нив е
стварно лав.