Дали сте знаеле…

Во Македонија постојат 50 поголеми или помали езера: Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро, глацијални езера на Попова Шапка (19 постојани и осум повремени) и 150 локви, Бистра – Маврово – Локув и четири помали глацијални езера, на Кораб има осум, на планината Стогово, Крушево, Пелистер – Големо и Мало Езеро, познати како Горски Очи, периодичното глацијално езеро Орлови Бари и други.

* * *
Фосилен остаток на заб, од некој од предците на слоновите (мастодонти) што егзистирале пред околу 10 милиони години е откриен во рудникот „Суводол“. Во плиоценските езерски басени, како што се Скопскиот, Велешкиот, Тиквешкиот, досега се откриени многу локалитети со наоди од фауна карактеристична и позната во научната јавност како „пикермиска“ фауна.

* * *
Палеонтолошки локалитет што се наоѓа во селото Каласлари е фосилно наоѓалиште откриено во 1973-та. По богатството на пронајдените фосилни цицачи (коњи, газели, жирафи, свињи, кучиња и др.), овој локалитет се вбројува во едно од најпознатите наоѓалишта што се откриени во светот.
* * *
Превалец е палеонтолошки локалитет. Наоѓалиштето случајно го открил германскиот истражувач Југман во 1917 година. Староста на фауната е одредена како долноплиоценска, а детерминирани се многубројни родови и видови фосилни цицачи, и тоа: мајмуни, хипариони, жирафи, антилопи, газели, елени, мастодонти, носорози, свињи, хиени и др.

* * *
Локалитетот Звегор претставува карактеристичен геолошки профил каде што се воочливи тектонски навлекувања на постари катови (тријаски варовници) врз помлади палеогени флишни седименти и вулкански карпи составени од: кварцлатити, андезити, дацити и туфови. Овој споменик претставува пример од кој можат да се видат процесите што се одвивале во различни геолошки времиња.

http://www.kingmarkoland.com