Внимателно движи се и за себе грижи се!

Од творештвото на писателот за деца Перо Миленкоски (5)

Драги деца, на страниците на „Колибри“, во десетина продолженија, ќе објавиме една многу поучна серија, преку која ќе научите важни нешта за сообраќајот, но на лесен и интересен начин. Тука ќе можете да прочитате песнички на познатиот писател за деца Перо Миленкоски токму на оваа тема.
– Брзиот доброорганизиран сообраќај е насушна потреба на современиот човек. Тоа е голема придобивка за секого од нас. За негово безбедно и непречено одвивање, постојат правила и прописи преточени во закони. Улиците и патиштата се обележени вертикално и хоризонтално, а за редот во сообраќајот се задолжени сообраќајци, секогаш подготвени да им помогнат на возачите и на пешаците. Сообраќајните знаци, пак, се скапоцена помош сѐ да се одвива непречено. Вака организиран, сообраќајот би требало да ни носи само задоволство. Но, за жал, не е секогаш така. Често на патиштата, дури и на пешачките премини, се случуваат сообраќајни незгоди, кои завршуваат со повреди и со тешки последици. Децата како учесници во сообраќајот често се жртви на невнимателни возачи, а поретко и на свое невнимание – вели Перо Миленкоски за она што го поттикнало да ја напише оваа едукативна книга.
За да придонесеме кон сообраќајното воспитување на најмладите, во наредните десет изданија на „Колибри“ ќе објавиме дел од поетската збирка „Детестоп“ на овој автор. Основната порака на неговите стихови гласи: „Внимателно движи се и за себе грижи се“!


Јас сум „принц“ од сказна

Денот убав, сончев,
улицата – празна,
мојот „пони“ лета,
јас сум „принц“ од сказна.

Нека гледа секој:
и без раце возам,
одам лево-десно,
правам чудна поза!

Од занесот, еве,
силен глас ме буди:
„Зошто така дете,
секој ти се чуди!?
За миг може овде
возило ‘да никне’
од срцето твое
тажен плач да бликне,
во тага да свенеш
како нежно цвеќе…“

Ај правилно вози
и биди си среќен!


Денот пак е сончев

Денот пак е сончев,
улицата празна.
Мојот „пони“ мирен,
не сум „принц“ од сказна.

Со две раце возам
по десната страна.
Милиционерот добар
пријател ми стана.


Ај погоди што е тоа?

Низ полиња, гори брза

Челик шини пат тој има
и патници многу прима.

Сегде брза, сегде јури
и по сонце и по бури.
Дури некој чита, спие
и в тунели тој се крие.

На станици почин бара
и пак напред така-тара.


За авторот

Перо Миленкоски е современ македонски поет за деца и млади. Роден е во селото Слепче, општина Долнени. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1995 година. Завршил учителска школа „Гоце Делчев“ во Штип и дипломирал на Педагошката академија во Битола, на групата за македонски и српско-хрватски јазик. Работел како наставник и новинар во „Нова Македонија“, при што 23 години во додатокот за најмладите читатели „Колибри“, од кои 13 години како негов уредник. Живее во Скопје.
Ги издал збирките поезија: „Најубав ѓердан“, „Има една земја мила“, „Малиот сообраќаец“, „Детестоп“, „Сонце во око“ и „Сончев дворец“.