Од творештвото на писателот за деца Перо Миленкоски (1)

Драги деца, од денеска на страниците на „Колибри“, во десетина продолженија, ќе објавиме една многу поучна серија, преку која ќе научите важни нешта за сообраќајот, но на лесен и интересен начин. Од број во број, ќе можете да прочитате песнички на познатиот писател за деца Перо Миленкоски токму на оваа тема.
– Брзиот доброорганизиран сообраќај е насушна потреба на современиот човек. Тоа е голема придобивка за секого од нас. За негово безбедно и непречено одвивање, постојат правила и прописи преточени во закони. Улиците и патиштата се обележани вертикално и хоризонтално, а за редот во сообраќајот се задолжени сообраќајци, секогаш подготвени да им помогнат на возачите и на пешаците. Сообраќајните знаци, пак, се скапоцена помош сѐ да се одвива непречено. Вака организиран, сообраќајот би требало да ни носи само задоволство. Но, за жал, не е секогаш така. Често на патиштата, дури и на пешачките премини, се случуваат сообраќајни незгоди, кои завршуваат со повреди и со тешки последици. Децата како учесници во сообраќајот често се жртви на невнимателни возачи, а поретко и на свое невнимание – вели Перо Миленкоски за она што го поттикнало да ја напише оваа едукативна книга.
За да придонесеме кон сообраќајното воспитување на најмладите, во наредните десет изданија на „Колибри“ ќе објавиме дел од поетската збирка „Детестоп“ на овој автор. Основната порака на неговите стихови гласи: „Внимателно движи се и за себе грижи се“!


Детестоп

Лична глетка око гали:
на преминот деца мали.
Семафорот – црвен цвет,
брзи коли – птици в лет.

Врвулица, тече река,
а малата дружба чека.
Ако, ако, нека, нека.

Над преминот зраци сноп,
да е честит овој убав,
овој умен ДЕТЕСТОП!


Внимателно дете

Јас прваче не сум како бате,
во градинка ме води тате.

Сликовница, кукла носам
и панделка сина в коса.

Знам песнички една рака,
ги кажувам кога сакам.

Штом улица преминувам
лево-десно погледнувам.

Семафорот другар ми е,
тој за мене совет крие.

Како свети гледам, пазам,
на „зелено“ напред газам.

По десната страна одам,
за возилата сметка водам.

Движејќи се, ете, така
сегде стигам јас без мака.


Ај погоди што е тоа?

Намигнува со три очи

Крстосница краси тој,
чува живот мој и твој.
Намигнува со три очи
со ред и без почин:
црвеното вели „стој“,
секој в миг да запре,
жолтото „подготви се“,
зеленото „напред“.


За авторот

Перо Миленкоски е современ македонски поет за деца и млади. Роден е во селото Слепче, општина Долнени. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1995 година. Завршил учителска школа „Гоце Делчев“ во Штип и дипломирал на Педагошката академија во Битола, на групата за македонски и српско-хрватски јазик. Работел како наставник и новинар во „Нова Македонија“, при што 23 години во додатокот за најмладите читатели „Колибри“, од кои 13 години како негов уредник. Живее во Скопје.
Ги издал збирките поезија: „Најубав ѓердан“, „Има една земја мила“, „Малиот сообраќаец“, „Детестоп“, „Сонце во око“ и „Сончев дворец“.