Љубителите на театарот, особено во Кавадарци, навистина имаа среќа што Сара се вработи во домот на културата „Иван Мазов-Климе“ како професионална костимографка, бидејќи со нејзиното доаѓање сцената процвета, особено кога се играат детските претстави. Театарот се разубави, а актерите во своите оригинални и инвентивни костими ја освојуваат публиката
ПРИЈАТЕЛИ НА ДЕЦАТА: Сара Милевска, модна дизајнерка, костимографка и илустраторка
Прекрасна, мила, насмеана се првите зборови со кои би ја опишале модната дизајнерка и костимографка Сара Милевска. Нејзината личност ја красат особините на добрина, скромност кога се зборува за нејзините успеси, но и голема одговорност во извршување на работните обврски. Тоа се потврдува со еден грст пофалби од нејзините соработници во кавадаречкиот театар. Таа е вистинска вљубеничка во уметноста, но и во добрата книга и дружбата со пријателите. Ги сака и природата и животните, особено нејзините мачки Јуџина и Ема. Во нејзиното опкружување секогаш сака да има цвеќиња, кои многу ѝ значат, па секое си има свое име. По природа е многу љубопитна и сака да изучува нови култури и традиции, а како хоби и бегство од реалноста го избира танцувањето.
Оваа лето нејзина преокупација е откривањето на градовите во Македонија, заедно со нејзината сестра Стефанија Милевска, која се занимава со фотографија и која за страниците на „Колибри“ ги одбра најубавите фотографии на Сара и нејзините костимирани актери.
Заљубена во слободата на креирањето што ја даваат театарскиот свет и сцената воопшто, Сара Милевска уште како средношколка се одлучува да студира моден дизајн и кореографија. Љубителите на театарот, особено во Кавадарци, навистина имаа среќа што таа се вработи во домот на културата „Иван Мазов-Климе“ како професионална костимографка, бидејќи со нејзиното доаѓање сцената на своевиден начин процвета, особено кога се играат детските претстави. Театарот се разубави, а актерите во своите оригинални и инвентивни костими ја освојуваат публиката.
Дизајнерка со диплома
Како дипломирана модна дизајнерка и костимографка, Сара Милевска има реализирано една самостојна изложба во Србија и учествувала на „Фешн викенд Скопје I) и на „Балкан арт фешн ивент“. На сите проекти на кои работела во Србија и во Македонија, а ги има вкупно 13 од кои шест за деца, особено е горда на нејзината права костимографија, наедно и дипломска работа за претставата „Да се биде или не“, во режија на Ненад Хаџи Mаричиќ, во Народниот театар во Белград, како и проектот со живи скулптури со наслов „Ноќ во музејот“, во режија на Микица Илова, на сцената на кавадаречкиот театар.
– Патот до реализиран функционален костим, независно дали е наменет за детска претстава или за претстава за возрасни, воопшто не е едноставен. Секој костим е свој за себе и со тежина што зависи од комплексноста на ликот за кој е наменет. Костимографот, пред сѐ, треба да ги испочитува времето и местото на дејството во една претстава, да ги усогласи идеите на режисерот, да ги задоволи потребите на актерот за функционалноста на костимот, да се приспособи на условите што му се дадени за работа и на крајот да биде креативен и да стави свој печат на своето дело или костим. Морам да признаам дека не секогаш креативноста доаѓа на почеток, бидејќи мора да се поминат одредени пречки и проблеми со кои би се соочил самиот костимограф. Како што актерите ги доживуваат своите ликови така и костимографот им навлегува во психологијата на ликовите, за да може да го приспособи костимот на самиот лик, а таа работа не е секогаш лесна и јасна уште од првото читање на текстот. Креативноста за костимите, особено за детските претстави, потребно е да биде неограничена и да се навлезе во детскиот свет за да може да создаде визуелна бајка што ќе го задржи погледот на публиката – објаснува Сара Милевска.
Слободата за креативно изразување секогаш е многу тесно поврзана со условите што костимографот ги има за работа. Оттаму и предизвикот е уште поголем, меѓутоа од она што најмладите љубители на театарот имаа можност да го видат на сцената во кавадаречкиот театар во претставите: „Алиса во земјата на чудата“, „Малиот принц“ „Ноќ во музејот“ и „Приказна за волшебната шума“, впечатокот и импресиите беа прекрасни. Сара Милевска со успешните костими направи вистинска магија и им овозможи на младите актери да блеснат на сцената, а притоа многу комотно да се чувствуваат и целосно да влезат во своите улоги.
Илустраторка на детски книги
Она што, секако, заслужува да се издвои од досегашното професионално патување меѓу модниот дизајн и костимографија за Сара Милевска е нејзината работа и како илустраторка на детски книги. Таа ја издвојува соработката со издавачката куќа „Детска радост“ и авторката Изета Бабачиќ на книгата „Зоки Поки“ на босански јазик.
– Илустрациите што ги правев за книгата „Зоки Поки“ за мене беа голем предизвик поради свесноста за одговорноста што ја презедов. Инспиративно беше да се направи спој помеѓу препознатливиот Зоки Поки и еден современ Зоки. Задоволувачко беше чувството кога добив информација дека авторката Оливера Николова дала коментар дека е воодушевена од новиот Зоки – ни рече Сара.