Во „Колибри“ објавуваме делови од книгата „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ на познатиот македонски писател за деца Киро Донев. И ова дело на мајсторот на римите е ведра, интересна и поучна книга, а преку белешките на сестричката и братчето, двајцата палавковци, ќе можете да ѕирнете во нивниот шарен свет, по нешто да научите, да се насмеете и со нетрпение да го очекувате секој нареден број на вашето омилено четиво
Ах, тој Љубен, ах, тој Љубен! Зар е можно – во две да биде вљубен? Не знам ни што да правам, ни што да мислам сега…. Што ако е тоа вистина, а не само обична шега?
Утрово в училиште го донесе првото изникнато кокиче. Го оставил врз клупата на којашто седиме јас и другарка ми Мариче. До кокичето, на бело ливче, напишал со своја рака:
„Првото кокиче од новата пролет за онаа што јас најмногу ја сакам! Ова нежно бело цвете, да го земе само една од вас двете!“
Јас и Мариче само се погледнавме, и онака збунето на столчињата седнавме. Гледавме во цветот неми, зачудени, но, рака на срце, и многу возбудени.
Кокичето пред нас беше, ете… Но која да го земе од нас двете?!
Не знам колку долго си седевме така, кога и двете одеднаш – пруживме рака!
Во тој миг страшно се јадосав, кога видов како кокичето наеднаш се „парчоса“.
– Извини Мариче – реков – моја грешка…
– И моја е… – рече таа и почна да се смешка. – Тој Љубен навистина ептен е „шашлив“!
– А можеби само срамежлив и плашлив…
Во тој миг Љубен како од подот да никна. Наместо да се извини, на сет глас викна:
– Полека, драги принцези… Како сапунчиња во вода се песните. Зар мојот убав гест нималку не го цените? Кој друг ќе ви го честита вака – Денот на вљубените?! Ех, Љубен, Љубен – попусто до уши си вљубен.
Тоа го рече, но не го зеде кокичето. Ме стрелна под око мене, а потоа и Маричето…
Ах, колку не сакам такви нерешливи драми… Тој бргу-бргу си замина, а ние останавме сами…
Не знам тој негов гест како вие го цените, но што е многу, многу е за Денот на вљубените!
Не знам што да правам сега и со Маричето… Постојано ме прашува, препрашува:
– За кого ли беше кокичето?
Ѝ велам:
Од каде јас да знам? Прашај го ако сакаш, мене ми е срам…
Вашата Зорка Сештозборка
За авторот
Познатиот македонски писател за деца и млади Киро Донев е роден во селото Моноспитово, Струмичко, на 21 март 1942 година. Беше новинар, главен и одговорен уредник и директор на „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“. Член е на ДПМ од 1970 година. Денес, како пензионер, живее во родното село.
Автор е на голем број книги за деца, почнувајќи од првата поетска збирка „Жаба спикер“, издадена во 1967 година, до последната „Било и се скрило“, издадена по половина век, во 2017 година.
Автор е и на десетина радио и ТВ-драми за деца и млади. Неговите книги се преведени на: српскохрватски, турски, албански, бугарски, украински и руски јазик.
Добитник е на наградите: „Гоцева повелба“ – Подгорци, „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца, „Курирче“ и „Струшко изгрејсонце“ на фондацијата „Македонија презент“ и „Големиот принц“ од издавачката куќа „Феникс“.
Негово последно дело е книгата „Видое Подгорец – незавршена приказна“, романизирана биографија, која Донев ја напишал за својот соработник и пријател или, како што тој честопати знае да каже, „батко и духовен татко“.