Сојузот на просветните работници на Македонија, во соработка со ООУ „Гоце Делчев“ – Центар, во Скопје, на 23 мај, со почеток во 10 часот, во дворот на училиштето, одржа настан под мотото „Учениците творат за Гоце Делчев и за Браќа Миладиновци“.
На овој посебен и убав настан, учениците од ООУ „Гоце Делчев“ – Центар, во Скопје, преку ритамот и звуците на музиката, стихотворби и песни, им ги честитаа наградите на добитниците – учениците и нивните ментори на конкурсите распишани од сојузот.
Конкурсите беа наменети за ученици од основно и од средно образование во Македонија по повод:
– 150 години од раѓањето на македонскиот револуционер и голем стратег за македонскиот народ, Гоце Делчев (ликовен и литературен конкурс) и
– 5 Мај – Денот на македонскиот јазик – Браќа Миладиновци, учители и просветители, поборници за својот мајчин јазик и основоположници на македонската преродба (литературен конкурс). Сојузот искажува голема благодарност до домаќинот на настанот – ООУ „Гоце Делчев“ – Центар, во Скопје, и издавачката куќа „Просветно дело“ АД Скопје.
Претседателката на СПР на Македонија, Лидија Николовска-Георгиевска, им ги врачи наградите на наградените учесници, кои беа обезбедени со поддршка на „Просветно дело“ од Скопје.
Сојузот, Претседателството на СПР и жирито, во состав: Лили Арсова – претседателка , Љупка Стојменова, Весна Настоска, Шерифе Алили и Весна Бошковска, на сите наградени учесници им посакуваат уште многу натамошни творечки успеси!