Фото: приватна архива

Сѐ почна во 2022 година, кога наставникот по физичко образование Тодор Анчев мене и уште неколку деца нѐ пријави да трчаме на трката „7 Ноември“ во Гевгелија. Јас уште тогаш ѝ реков на мајка ми дека ќе го освојам првото место. Така и се случи. Победив и оттогаш кај мене се роди желбата за трчање. Станав член на атлетскиот клуб „7 Ноември“ во Гевгелија, каде што тренер ми е мојот наставник Тодор Анчев, кој се залага за моето успешно учество на разни натпревари, вели Максим

ТАЛЕНТИ: Единаесетгодишен атлетичар од Богданци успешен и дома и во странство

Максим Ангов имаше само девет години кога првпат ја почувствува радоста што ја носи победата. Беше прв на трката „7 Ноември“ во Гевгелија, на која учествуваше благодарение на тогашниот наставник по физичко, а сега и негов тренер Тодор Анчев. Оттогаш ова темпераментно момченце вредно тренира, па освен што е одличен ученик во петто одделение во основното училиште „Петар Мусев“ во Богданци, каде што живее со семејството, тој веќе има освоено голем број награди на трки во Македонија и во странство.
Максим Ангов е роден на 18 јануари 2013 година во Струмица, а има постар брат, кој е ученик во прва година во средно училиште. И тој и сите членови на неговото семејство му даваат огромна поддршка да продолжи да се занимава со спорт, поточно со атлетика. Најгласен и најстрастен поддржувач на Максим е неговиот дедо.

– Сѐ почна во 2022 година, кога наставникот по физичко образование Тодор Анчев мене и уште неколку деца нѐ пријави да трчаме на трката „7 Ноември“ во Гевгелија. Јас уште тогаш ѝ реков на мајка ми дека ќе го освојам првото место. Така и се случи. Победив и оттогаш кај мене се роди желбата за трчање. Станав член на атлетскиот клуб „7 Ноември“ во Гевгелија, каде што тренер ми е мојот наставник Тодор Анчев, кој се залага за моето успешно учество на разни натпревари – вели Максим.
Се разбира, најсреќен е кога ќе победи и прв ќе стигне до целта.
– Кога ќе победам, мојата среќата е неизмерна. Јас имам многу голема желба да трчам, како во атлетиката така и во фудбалот, па ќе видиме во иднина што ќе преовладее, бидејќи како што ги следам трките така и тренирам фудбал. Мој идол од Македонија е атлетичарот Дарио Ивановски, кој ќе ја претставува Македонија на претстојните Летни олимписки игри во Париз – открива тој.

Се разбира, примарна обврска на Максим му е училиштето.
– Се трудам, иако со вложување поголем напор, да ги завршам сите мои обврски и на училиште и на тренинзите, а наоѓам време и да си играм со другарите, на најблиското игралиште, каде што трчаме, играме фудбал, разговараме – ни рече Максим.
Неговиот тренер Тодор Анчев, кој и самиот е атлетичар, ни откри дека ова талентирано момче го тренира една година, а претходно Максим сам се пријавил на една трка и го освоил првото место.
– Јас го познавам Максим пет години, бидејќи тој е моја прва генерација како наставник по физичко воспитување. По првата наша трка во Гевгелија, кај него се роди љубов кон трчањето и така почна нашата заедничка приказна. Сега тренира два-три пати неделно. Ќе ви откријам еден куриозитет, иако имаше само десет години, Максим лани учествуваше на петкилометарска трка во Солун, Грција, каде што всушност не смееше да учествува зашто таа беше за 14 и повеќе години. Сепак, на крајот му дозволија и тој го освои 210-то место од вкупно 7.000 тркачи од целиот свет – откри Тодор Анчев.

Откога почнал да тренира, Максим учествувал на 14 трки, од кои четири во Грција, една во Србија и преостанатите во Македонија. Речиси секаде се натпреварува со учесници две-три години постари од него.
Досега Максим десет пати го освоил првото место и четири пати бил втор. Победник бил во Врање, Србија, во Вегоритос, Ваптистис и Кукуш во Грција, а во Катерини бил втор, како и во Нео Агионери и во Кукуш. Најдобар бил и во трките во Гевгелија, Струга, Кавадарци и други.
– Му посакувам да продолжи да тренира со овој жар, бидејќи пред него е блескава иднина – ни рече на крајот тренерот Тодор Анчев.

М.Т.


Атлетиката била спортска дисциплина уште во Стара Грција

Атлетиката, позната и како лесна атлетика, е збир на спортови. Зборот потекнува од грчкиот збор „атлос“ што значи „натпревар“. Атлетиката вклучува спортови што генерално можат да се поделат на трчање, фрлање и скокови. Атлетиката била дел од првите Олимписки игри, а дел од модерните Олимписки игри е уште од нивното основање во 1896 година. На жените им е дозволено да учествуваат во 1928 година.

Атлетски дисциплини
Атлетиката вклучува спортови што генерално можат да се поделат во следните основни дисциплини: трчање, фрлање и скокови.

Трчање
Главната цел на атлетското трчање е да се претрча зададеното растојание за пократко време. Постои разлика во техниката на трчањето во зависност од должината на патеката (кратка, средна или долга). Почетокот на трката се означува со истрел, а таа се прекинува ако некој од натпреварувачите ја почне трката пред истрелот. Почетокот на трката го води стартерот со своите помошници, кои проверуваат дали сите тркачи се пријавени, дали имаат стартни броеви и дали при стартот ја допираат стартната линија.

Тркачките дисциплини се поделени на:
– Трки на кратки патеки – до 400 метри: овие трки започнуваат со користење стартни блокови, кои на натпреварувачите им даваат нагло забрзување на почетокот од трката. За да се постигнат подобри резултати на овие трки, натпреварувачот мора да постигне усогласена работа на рацете и на нозете, предниот дел од стапалото треба да биде што пократко во контакт со подлогата, рацете не треба да бидат стиснати во дланките и треба да се движат во ритамот на трчањето, а телото треба да биде малку навалено напред бидејќи тоа влијае врз амплитудата на чекорите.
– Трки на средни патеки – до 3 000 метри: овие трки започнуваат со висок старт, т.е. не се применуваат стартни блокови.
– Трки на долги патеки – над 5 000 метри и маратон: и овие трки започнуваат со висок старт.
– Трки со пречки – штафетно трчање: 4 х 100, 4 х 200 и 4 х 400 метри. Во штафетното трчање учествуваат четворица тркачи, кои треба да ја пренесат палката од стартот до целта, при што секој натпреварувач треба да ја претрча својата делница за најкратко време и да му ја предаде палката на следниот натпреварувач. Притоа, палката се носи во едната рака; должината на палката изнесува 30 сантиметри, а обемот се движи од 12 до 13 сантиметри; палката има цилиндрична форма и најчесто е обоена со забележлива боја. На стартот на штафетните трки, палката може да ја допира или да ја преминува стартната линија, меѓутоа палецот и показалецот на натпреварувачот не смеат да ја допираат линијата. Ако некој натпреварувач предвреме ја започне трката, таа се прекинува, а натпреварувачот добива опомена, при што за повторена грешка се дисквалификува; исто така, ако палката е предадена пред или по зоната за предавање, натпреварувачите се дисквалификуваат; ако на натпреварувачот му испадне палката, тој треба сам да ја земе и притоа да не им пречи на другите натпреварувачи.
Постојат и трки во маратон и брзо одење.
(Од Википедија на македонски)