ОД ТВОРЕШТВОТО НА МАКЕДОНСКИТЕ ПИСАТЕЛИ ЗА ДЕЦА: РАЈКО ЈОВЧЕВСКИ

Како растеме, од секоја година од нашето детство ни останува понекој спомен од случките и доживувањата, тагите и радостите, миговите поминати со најблиските, но и понекоја реченица или понекој стих. Има стихови со кои сме се сретнале во раното детство, а ни носат светлина во целиот наш живот. Такви сончеви и светлоносни стихови имаат вистинските писатели за деца, кои со златни букви се вградени во ризницата на творештвото за деца. Секако, еден од нив е писателот и преведувач Рајко Јовчевски, роден во 1937 година во струшкото село Луково.

Во родното место завршил основно образование, потоа завршил средно земјоделско училиште во Битола, а дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Јужнословенска книжевност.

Бил уредник на добропознатото списание за деца „Развигор“ и во редакцијата „Детска радост“ при тогашната НИП „Нова Македонија“. Рајко Јовчевски бил член на Друштвото на писателите на Македонија од 1960 година.

Неговото творештво за деца е богато и разновидно. Опфаќа поезија, раскази, сказни, сликовници, драмски текстови и романи. Меѓу мноштвото книги ќе ги спомнеме: „Eден малечок свет“, „Златно фенерче на летото“, „Тивко шумолат брезите“, „Артисти напред“, „Кога ќе процветаат девојчињата“, „Танцувајте, куклички“…

Рајко Јовчевски починал во 2001 година. Тој зад себе оставил прекрасни дела за децата од сите генерации. Книгата поезија за деца „Златно фенерче на летото“, објавена во 1973 година, беше инспирација за издавачката куќа „Темплум“ да направи сликовница со 18 од вкупно 56 песни во книгата, со илустрации на уметницата Татјана Миљовска.

Подготвил: Ф.Д.


Песна за златните дождови

Од дете ги паметам
дождовите златни
и сѐ така си ги носам во душата,
за да ми заврнат кога ќе се сетам,
на маките наши и на сушата.

Ни свенуваа житата во нивите
плодовите сѐ помалку раснеа,
ни страдаше добитокот –
Изворчињата полека ни гаснеа.

И кога ќе мислевме свршено е –
ништо ќе нема од родот,
ќе навратеа златните дождови –
ќе се истуреа од сводот.

Тие доаѓаа најчесто ноќе,
и затоа исти мисли ни раѓаа:
дали заедно со капките
и ѕвездички ситни паѓаат?

Утрото уште од прозорецот
окото сакаше да скита,
како од смрт спасени –
од радост се златеа нашите жита.

Од дете ги паметам тие дождови,
топли како душата на тато,
и знам секоја капка нивна,
се претвораше во зрнца злато.

Рајко Јовчевски