Фотографии од организаторот на музичкиот подиум

Во Михајлово се одржа 15. Меѓународен флејтистички концертен подиум за млади

Од 24 до 29 август, одморалиштето „Михајлово“ во близината на Кавадарци беше домаќин на 15-то издание на летниот музички камп, кој од оваа година прерасна во Меѓународен флејтистички концертен подиум за млади, во организација и под раководство на Страшо Темков, професор по флејта на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Одморалиштето „Михајлово“ сместено во пазувите на прекрасната и питома Кожув Планина по петти пат е домаќин на овој настан, кој годинава ги обедини талентираните млади флејтисти од Македонија, Србија и од Босна и Херцеговина, заедно со нивните ментори. Покрај младите флејтисти од Македонија под менторство на професорот Страшо Темков, на музичкиот подиум гостуваа млади флејтисти од Факултетот за музичка уметност од Белград под менторство на професорот Миомир Симоновиќ и студентите од Факултетот за музичка уметност од Бања Лука со нивната менторка професорката Соња Милетиќ. Координаторка на музичкиот подиум беше Марија Јакимоска, а корепетиторка Ивана Јанаќиева Глигорова.
Изминативе шест дена овие исклучително талентирани млади музичари, кои во најдобро светло ги претставуваат своите држави на меѓународни натпревари, имаа можност да проследат семинари и предавања за инструментот флејта, да ги прошират своите знаења и, се разбира, да стекнат нови искуства и нови пријатели. Нивните ментори несебично ги споделуваа со нив своите знаење за инструментот, музицираа и долго вежбаа со своите студенти за завршните два концерта: на камерни состави, трио и хор-флејти, кои се реализираа на 27 и 28 август во предвечерјето и на самиот празник Успение на Пресвета Богородица. Значајно е да се спомене дека завршните концерти на Меѓународниот флејтистички подиум за млади беа дел од манифестацијата „Кавадаречко културно лето 2025“ и беа поддржани од Министерството за култура и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
Прекрасната музика што можеше да се проследи на завршните концерти во изведба на оваа одбрана елита на млади надежни уметници од три држави претставуваше навистина ретка можност за уживање, особено поради тоа што концертите се реализираа во хармонија со прекрасната природа на Кожув Планина во која младите музичари можеа да уживаат изминативе денови. Ми.М.