Во овој број на „Ко­ли­бри“ ја об­ја­ву­ва­ме пр­ва­та од цик­лу­сот сказ­ни пе­ча­те­ни не­о­дам­на под за­ед­нич­ки нас­лов „Фа­ми­ли­ја­та Ешков­ци“. Тоа е „Свад­ба­та на Ежо и Ежа“, ко­ја со дру­ги­те де­вет из­ле­гу­ваа па­ра­лел­но ка­ко сли­ков­ни­ци со пре­крас­ни илу­стра­ции од ли­ков­на­та умет­ни­ца Ена Нал­бан­тиќ од Са­ра­е­во

Од творештвото за деца на писателот Александар Кујунџиски

Среќниот Ежо ја сретна Ежа сосема случајно при една прошетка низ соседната шума и – штом ја виде – веднаш се вљуби во неа. Љубов на прв поглед!
Сите жители на шумата Иглолисна за вредниот и ведар Ежо велеа дека е роден под среќна ѕвезда. И навистина беше така.
Меѓутоа, при оваа средба Ежо на Ежа не ѝ симна ѕвезда од небото, зашто беше пролетно пладне во кое ѕвездите спиеја. (Колку се чудни небеските ѕвезди: тие спијат прекуден, а не ноќе!?)
На вториот закажан состанок Ежо ѝ подари на Ежа букетче синолички, јаглики и бели ради, и тоа беше доволно за и таа да се вљуби во него; не до уши, туку и погоре од нив: до врвот на најгорната игличка на грбот нејзин.
Во букетот на Ежо немаше црвена роза, бидејќи – како што е познато – розите имаат боцки, па тој не сакаше Ежа, опиена од љубовната замаеност да се боцне и да се повреди од острите розини трнчиња.
На третиот состанок Ежо, во придружба на своите најблиски роднини, еден од прстите на својата љубена го закити со свршенички прстен.
Ја договорија и свадбата, на која поканија мноштво гости.
Сите поканети ја прифатија поканата и го потврдија своето доаѓање, зашто знаеја дека на неа ќе биде многу весело.
Од оние што не беа поканети на свадбава на Ежо и Ежа, најнавредени и најналутени поради тоа беа лисицата Лисица Мисица, бувот Буф Уф, змијата шарка Шарка Марка и кучето скитник со уметничко име Џуки Џуки.

До последниот миг од закажаниот термин за пречек на гостите и за честитањето, за приемот и за прифаќањето на свадбените подароци и за заедничкото фотографирање со невестата Ежа и со младоженецот Ежо, никој не знаеше како ќе постапат неканетите и навредени жители на шумата Иглолисна.
Дали ќе се помират со неприсуството и ќе се повлечат или ќе дојдат ненајавени, без покани, обидувајќи се да го нарушат веселото свадбено расположение на младенците, на сватовите и на сите други присутни гости?
И, што се случи?

Бидејќи и сите тие што се сметаа себеси за онеправдани и навредени не се согласуваа меѓусебно и не се дружеа, секој од нив реши да постапи на свој начин.
Змијата шарка Шарка Марка беше најналутена. И вака си рече:
– Скар сум им на Ежо и Ежа до таа мера што сега и ако решат да ја исправат грешката и да ме поканат – нема да им одам!
Лисицата Лисица Мисица, која беше убедена дека таа требало да биде избрана и за кумица, а не да биде крајно заборавена и запоставена, ја утеши едно ново сознание. Откако разбра каква храна ќе се служи на свечената вечера – сфати дека ништо од тоа не е по нејзин вкус. Затоа уште во квечерината си ја подвитка опашката и тргна во потрага по пилешко печење. А не…
Бувот Буф Уф најде најголема забелешка на музиката, на свирачите – музичарите и на пејачот Дроздо Дроздов, па одлучи со својата хит-песна „Бууу-бууу“, стоејќи на гранките од најблиската бука, саноќ да пее и на тој начин да ги надгласува и да ги попречува свадбените музички изведби и играњето на почесното танго.
Отпосле реши уште нешто. На мобилниот телефон итно ја повика својата симпатија Буфка Уфка за заедно да им покажат како поправилно и поубаво треба да се игра тоа.
Кучето скитник Џуки Џуки цело време беше здадено во лаење. Пред сите што ќе ги сретнеше, шетајќи ваму-таму, ги олајуваше и ги озборуваше и младоженецот Ежо и невестата Ежа. Тврдеше дека тие воопшто не се успешна брачна двојка и дека нивниот брак нема да трае долго.
Веќе секој се прашува дали сите тие успеаја да им ја расипат свадбената веселба на Ежо и Ежа и да им ја заматат среќата уште на почетокот на нивното запловување во брачните води.

Свадбената веселба траеше до рани зори и – ниту змијата шарка Шарка Марка доби дополнителна гратис покана за која однапред беше решена да ја одбие; ниту некој зажали и пролеа солзи за отсуството на лисицата Лисица Мисица; ниту од трубите, зурлите и тапаните што непрестано ечеа во салата, некој воопшто ги слушна тревожните звуци на бувот Буф Уф; ниту пак во годините што следуваа се остварија предвидувањата и желбите на кучето скитник со уметничко име Џуки Џуки дека бракот на Ежо и Ежа нема да биде среќен и нема да трае долго.
Напротив. Тие не само што ги минуваа деновите сложно и безгрижно и по нивниот меден месец туку и набргу по одржаната свадба, ним, на пресреќната брачна двојка Ежо и Ежа Ешковци, им се родија не едно, не две, не три, не четири, не пет, туку шест ежиња одеднаш. Три машки и три женски новороденчиња. Малечки ежиња – големи радувања и милувања.


За авторот

Александар Кујунџиски е роден во 1946 година, во Пехчево. Работел како новинар во Информативната редакција на Радио Скопје, како и во Редакцијата за забавно-хумористична програма и во Редакцијата на емисии за деца. Од 1984 до 1990 г. бил уредник на списанието „Ловец“, а сега е самостоен уметник писател.
Како автор создава дела за деца и млади, но и за возрасни, и е еден од најплодните писатели. Пишува поезија и проза, драмски творби, раскази, сказни, бајки, брзозборки, пиеси, текстови за песнички, како и хумористично-сатирични текстови. Тој објавил два мини-романа за деца: „Мотошишарка“ и „Кој сака да биде космонаут“, а ги напишал и книгите за најмладите читатели: „Природо, љубов моја“, „Солитерски сказни“, „Театарче клопатарче“, „Нека патува добрината“, „Кралот Ал со крпен шал“, „Зборчиња-изворчиња“, „Слики од детството“, а „Сакам книга“ досега е преведена на 11 јазици.
Добитник е на голем број награди, а во 2014 г. ја освои наградата на ДПМ за најдобра книга за деца, додека во 2016 г. ја доби и наградата „13 Ноември“ за целокупното творештво за деца и за млади.