Сајбер-катче
Постојаното користење на мобилните има своја цена, која се одразува врз здравјето, па затоа, драги тинејџери, не претерувајте со времето што им го посветувате на своите електронски „миленици“.
Се чини дека стануваме сѐ поприврзани за нашите мобилни телефони, без да размислуваме за притисокот врз ’рбетот секојпат кога го истегнуваме вратот надолу за да напишеме порака или да прочитаме некоја информација.
Лошата положба на телото кога пишуваме пораки на мобилниот телефон, популарно се нарекува „текст нек“ (text neck). Овој термин е конструиран од страна на киропрактичарот Дин. Л. Фишман и се однесува на репетитивната стрес-повреда, односно болка во мускулите и нервите предизвикана од повторувачка активност, кога главата е наведната нанапред и надолу, додека се користи мобилниот телефон.
Колку повеќе е свиткан вратот, толку поголема тежина треба да носи. Во
зависност од положбата, таа тежина изнесува од 15 до 30 килограми.
Овие податоци се изведени врз основа на истражувања, кои со споредување на рендген-снимки од индивидуи што се зависни од мобилните телефони и од оние што не го користат телефонот толку често заклучиле дека постојаното користење на мобилниот има сериозни последици врз ’рбетот и врз лумбалниот дел (долниот дел на грбот). Овој притисок, со текот на времето, може да доведе до оштетување на мускулите на вратот, артритична повреда и искривување на ’рбетот.
Внимавајте, од оваа состојба се најзасегнати тинејџерите, односно новите генерации, бидејќи тие најмногу го практикуваат овој начин на комуникација.