Во неколку продолженија ќе објавиме стихови од писателот Саво Костадиновски, кој ги напишал за својата татковина Македонија. Тој ги опеал планините, реките, езерата, градовите нејзини, па преку овие стихови ќе можете и сами да проверите колку знаете за земјата во која сте родени
Пчиња
Понекогаш бистра,
понекогаш со тиња,
во Вардар се пика
реката Пчиња.
Вардар ѝ се лути:
слушај, Пчињо, вели,
од твојата тиња
умот ми се сели!
Рибари ме корат,
и мене и денот,
што залудно дошле,
што не гризе кленот!
Маркова Река
Накај Вардар брза,
не може да чека,
полна ситен песок –
Маркова Река.
Во песокот, велат
роднини и тато:
се криело ситно
прашинче од злато!
Тогаш не е чудно
што пред толку века
ја знаеле сите
Маркова Река!
Кадина Река
Горе, од Јакупица,
падина по падина,
полека си тече
бистра река Кадина.
Тивко вода ромори,
никој да ја слушне,
сака Вардар убавец –
скришум да го гушне!
На реката Кадина,
по трипати во денот,
конците на рибарите
им ги кине кленот!
Тополка
Дали под тополата изворот
негде ѝ гргори, блика,
или, пак, според друго име
малата Тополка се вика?
Тополка е чиста река,
згора мирна, ретко дива,
на крајот од стрмен Велес –
гордо во Вардар се влива.
Тополка е многу мала река,
лете, просто, губи трага,
но, затоа, штом ѝ бујнат води –
за рибари, о, колку е драга!
Бабуна
Добро да расчистиме,
да не стане забуна:
од планина Бабуна –
тече река Бабуна!
Во селото Богомила,
на Бабуна мала,
дење-ноќе врти
хидроцентрала!
Бабуна е добра река,
чиста како злато,
сѐ до Вардар тивко –
си го мине патот!
За авторот
Саво Костадиновски е македонски и германски поет, раскажувач, патописец, публицист, писател за деца и возрасни, препејувач.
Роден е во 1950 г., во с. Горно Ботуше, Македонски Брод. По катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1963 година, живее на повеќе места на просторот на бивша Југославија. Од 1971 година живее и работи во Келн, Германија. Завршил средно техничко училиште во Белград и трет степен за технички инженер во Келн.
Добитник е на наградата „Иселеничка грамота“ од Матица на иселениците на Македонија, како и на награда од Сојузот на германските писатели.
Негови творби се објавувани во списанија за деца и возрасни во Македонија, а преведуван е на српски, хрватски, германски и на романски јазик. Застапен е во антологии.
Меѓу другите, автор е на делата: „Лето во родниот крај“, „Кафез без птици“, „Децата на светот“, „Македонски знаменитости“, „Со татковината“, „Трите века“, биографски хронолошки роман за возрасни, книгата „На Македонија со љубов“ и многу други.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1989 година, а на Сојузот на писателите на Германија од 1993 година.