Во неколку продолженија ќе објавиме стихови од писателот Саво Костадиновски, кој ги напишал за својата татковина Македонија. Тој ги опеал планините, реките, езерата, градовите нејзини, па преку овие стихови ќе можете и сами да проверите колку знаете за земјата во која сте родени

Матка

Сред сурите карпи,
патот кај што патка,
глеј, езеро мало,
наречено Матка!

Треска го тресе
со своите води,
по него сака
бротче да броди!

Матка ја кроти:
-Баш си слатка,
со тебе Треско,
јас станав Матка!

Калиманци

Повикува домаќини,
повикува странци
повелете на езеро,
ве кани – Калиманци!

По ваша заслуга,
сакам да разгласите:
станав пославно
и од Сасите!

Под браната
во нашата Каменица,
место споменик –
направете ми воденица!

Глобочица

На сонцето блеска,
свети како лим,
таа вода сребрена,
скротена од Дрим.

А бре, глобочани,
ај, да се насмеете,
та во Струга денеска –
подобро живеете!

Имате две езера,
сеќавате промени,
чувајте го селото –
во вашите спомени!

Шпилје

Крај брегови,
полни билје,
блеска, светка
езерото Шпилје.

Од брегови
снага чеша,
со Радика
Дрим се меша.

Пенат води,
красна слика,
од централа
струја блика!


За авторот

Саво Костадиновски е македонски и германски поет, раскажувач, патописец, публицист, писател за деца и возрасни, препејувач.
Роден е во 1950 г., во с. Горно Ботуше, Македонски Брод. По катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1963 година, живее на повеќе места на просторот на бивша Југославија. Од 1971 година живее и работи во Келн, Германија. Завршил средно техничко училиште во Белград и трет степен за технички инженер во Келн.
Добитник е на наградата „Иселеничка грамота“ од Матица на иселениците на Македонија, како и на награда од Сојузот на германските писатели.
Негови творби се објавувани во списанија за деца и возрасни во Македонија, а преведуван е на српски, хрватски, германски и на романски јазик. Застапен е во антологии.
Меѓу другите, автор е на делата: „Лето во родниот крај“, „Кафез без птици“, „Децата на светот“, „Македонски знаменитости“, „Со татковината“, „Трите века“, биографски хронолошки роман за возрасни, книгата „На Македонија со љубов“ и многу други.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1989 година, а на Сојузот на писателите на Германија од 1993 година.