Во неколку продолженија ќе објавиме стихови од писателот Саво Костадиновски, кој ги напишал за својата татковина Македонија. Тој ги опеал планините, реките, езерата, градовите нејзини, па преку овие стихови ќе можете и сами да проверите колку знаете за земјата во која сте родени.

Охридско Езеро

О, езеро сино, Охридско,
огледало со модра боја,
треперам ко воден цвет,
крај тебе возбуден стојам!

О, украсу на светот
манастири што те китат,
тебе како божество –
луѓето ќе те штитат!

Дојранско Езеро

Се радувала Дојрана,
честитки примала,
свое езеро – за себе имала…

Но, езерото полека,
полека се ништи,
можеби затоа Дојрана
тажи и пишти.

Ајде, поради Дојрана
по светот да разгласиме:
Езерото Дојранско –
да ѝ го спасиме!

Преспанско Езеро

Таму, во Преспа,
под Галичица,
Преспанско Езеро,
чинам заспало,
сино ко љубичица.

Мируваат водите
сѐ до првиот ветер,
што ќе го разбуди…
– Се наспав, се наспав! –
шепот ќе му сплете.

Мавровско Езеро

Од водите на Радика,
на Врбен, Штировица –
и на бистра Мавровица –
езеро направиле!

Вредни раце трудбенички,
со труд се прославиле:
тие диви води
под контрола ги ставиле!

Сега Маврово, со езерото
просто речено – ликува,
на брегот за одмор
сите нѐ повикува!


За авторот

Саво Костадиновски е македонски и германски поет, раскажувач, патописец, публицист, писател за деца и возрасни, препејувач.
Роден е во 1950 г., во с. Горно Ботуше, Македонски Брод. По катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1963 година, живее на повеќе места на просторот на бивша Југославија. Од 1971 година живее и работи во Келн, Германија. Завршил средно техничко училиште во Белград и трет степен за технички инженер во Келн.
Добитник е на наградата „Иселеничка грамота“ од Матица на иселениците на Македонија, како и на награда од Сојузот на германските писатели.

Негови творби се објавувани во списанија за деца и возрасни во Македонија, а преведуван е на српски, хрватски, германски и на романски јазик. Застапен е во антологии.

Меѓу другите, автор е на делата: „Лето во родниот крај“, „Кафез без птици“, „Децата на светот“, „Македонски знаменитости“, „Со татковината“, „Трите века“, биографски хронолошки роман за возрасни, книгата „На Македонија со љубов“ и многу други.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1989 година, а на Сојузот на писателите на Германија од 1993 година.