Фото: Архива

Јас и мојот град

Дванаесет години имам,
дванаесет години го љубам!
Дванаесет лета, дванаесет зими…
И за него ги сплетов овие рими.

Како гнездо на птици
златокрилци,
Свиено меѓу Водно
и Скопска Црна Гора,
Со векови топол дом на
лозата наша,
Срцето е на Македонија,
ако некој ме праша.
И јас сум денес со него жива,
Растам со него, го чувам, го пазам.
За него творам и од желба горам
Да биде најубав
– сѐ на свет ќе сторам.

И во јануари кога
и на Партизанска
Исто како на Водњанска,
Снегот крцка под стапалата,
И зимата со бело шалче,
во Карпош на каналче,
Февруарски цврсто дрвјата
ги замотала…
И кога Баба Марта во март,
никако не попушта,
Крај Вардар вестите за пролет,
Кокичето не ги пропушта…
Потем на плоштад, априлилили!
Со другарките мили
Со маски царски и шарени свили…
Во мај – мајски црешки,
Вкуси ги по Максим Горки, пешки.
А во јуни? И со врзани очи
Во Скопје кој било да крочи,
Не би се смешал и збунил
За мирисот на липите
(на Ленинова) во јуни.
Сака ли некој врел,
баш врел коктел?
Нека повели во јули.
Или во август цел.
Септемвриски скопски се белези
Костенчиња печени од Нерези,
Но есенската легенда
што трае и трае
Е аромата на ајвар
во родното Влае.
А во ноември?
Во ноември, мој граду,
ти е роденден и празник,
Па, со љубов спремам
приредби разни.
А за Нова година
на прослава сакам,
Кај Александар Македонски
сите да ги поканам!
Граду мој сакан!
Биди ми благословен,
биди ми вечен!
Молитва за тебе од врв Водно
на Крстовар –
Мое Скопје, ти си ми божји дар!

Екатерина Лазаревска, 8-в одд.
ОУ „Јан Амос Коменски“ – Скопје

Градот Скопје

Вардар ја краси
Твојата лика
А Водно е наша
најубава слика.
Камен до камен
Убав мост рамен.
Тврдината Кале
Ѕидовите се збрале.
Чаршијата стара
Златни занаети собрала.
Природата на Матка
Воздишка е слатка.
Пештери и тајни
За цел свет се знајни.
Камбаните ѕвонат
златни звуци ронат.
Кули, анови, амами
Народи од многу страни
На едно место збрани.

Јана Домовска, 6-1 одд.
ОУ „Живко Брајковски“ – Скопје

(Од книгата „Јас и мојот град“
на фондацијата „Кљусев“)