Нови книги

Стихозбирката „Сребрените соништа“ на младиот поет Лео Миновски е резултат на неговата одговорност, упорност, амбиција, креативност и желба за творење. Љубовта кон поезијата и кон убавиот збор ја развива низ годините поминати во основното училиште „Круме Кепески“, каде што е активен член на литературната и на рецитаторската секција. Покажа голем интерес за сценски и јавен настап и за изразно интерпретирање на поезијата. Учествува во одбележување значајни празници, што придонесува за развивање на социјалните и комуникациските вештини.
Својата креативност, своите емоции и скриени желби несебично ги внесува во литературните творби, а инспирација црпи од љубовта кон македонскиот јазик, кон историјата, татковината, другарството, кон семејството. Желбата за создавање поезија ја покажа преку учество на голем број литературни конкурси и е добитник на многу награди и признанија. Неговата литературна творба „Круме Кепески – патоказ за вечноста на јазикот“ е објавена во стихозбирката „Круме Кепески во детските стихови“, а неговата литературна творба „Учителот“ е објавена во стихозбирката „Зборот на Конески“.

Младиот поет Филип Димкоски, кој наедно е и рецензент на стихозбирката, ќе напише: „За мене, најсилна и најквалитетна песна од оваа стихозбирка е ’Во сон од сребро ја исковав слободата‘. Тука е многу забележлив творечкиот раст на Миновски, неговата надградба постигната преку продлабочување и сосредоточување на мислата, поголемата моќ за совладување и употреба на стилските изразни средства и зголемената моќ прецизно да се канализираат чувството и мислата и да се искористат точните зборови за да се постигне посакуваната цел. Оваа песна, мене ми зборува дека во иднина можеме да се надеваме на уште поквалитетни песни од Лео Миновски, нови творечки успеси, нови книги…“
Лео Миновски ќе продолжи да чекори по творечкиот пат создавајќи нови литературни творби со различни мотиви, инспириран од животот, кој е пред него, а неговата стихозбирка нека биде поттик за учениците љубители на убавиот пишан збор.

Татјана Пеливанова, професорка по македонски јазик
ООУ „Круме Кепески“
– Кисела Вода, Скопје


Чиста средина – мост до моето
здравје

Земјата е прекрасно место
на кое живееме ние,
со божествена природна убавина
душата ни ја мие.
Изобилува со чисти реки
и лековити билки разни,
високи планини, шуми и рамни
полиња ко тепих мазни.

Затоа, разбудете се луѓе мили,
исклучете ги вашите остри пили.
Не ги сечете белите дробови наши,
чист воздух ќе дишеме и никој
за здравјето нема да се плаши.
Пивките води да ги зачуваме чисти,
чистата вода ни ги чува
умовите бистри.
Мајката земја златна да ни биде
здрава,
затоа што таа ни дава многу
вкусна храна.

Ајде да не бидеме ние глуви
и слепи до век,
пораката да стигне до секој човек,
заедно да отвориме ново поглавје,
затоа што чистата средина е мостот до нашето здравје.