Етика за млади
Колку е подобро кога се покажуваат храброст и решителност отколку плашливост и малодушност! Храброста значи отворено да се застане да се реши прашањето, а не да се одложува соочувањето со него. Храброста е отфрлање на стравот што го носи секој проблем, исправање пред него и почнување со расчистувањето на тешкотиите што оневозможуваат тој да биде совладан.
Храброста значи да не се одложува она што е нужно да се стори, туку тоа да се направи навреме. Храброста е кога човековите сили се ставаат во служба на најдоброто за личноста и за другите луѓе, а не да се остават неактивирани, да останат запретани пред тешкотиите.
Со храброста човекот застанува на страната на доброто наспроти злото. Затоа храброста е бранење на моралната страна и ангажирање на етичките сили, толку колку што е потребно сите луѓе да ги почувствуваат благодатите на добрината.
Смел е оној што не се плаши да го стори доброто, справедливото и исправното, дури и ако некому не му се допаѓа тоа, ако мнозинството го прави спротивното, па дури и ако и него го тераат да постапува лошо. Херој е оној што не се стега своите сили да ги употреби за општо добро, оној за кого најголема опасност е да не се стори она што е најпотребно.
Нема човек што не се плаши. Но храбрите вистински стравуваат од лошото за сите, нив ги гризе совеста ако не сторат ништо да се избегнат поголеми страдања.
Затоа застанувањето на страната на вистината, правдината, на доброто е исто толку важно колку и совладувањето на непријателите. А унапредувањето на своите човечки својства е исто толку херојски достојно, како и победата на најголемиот џин.
Германскиот филозоф Фридрих Ниче вели дека вистински херој е оној што има храброст да ја поднесува својата судбина. Мнозина луѓе ретко имаат шанса да станат големи народни херои, но многу од нив се јунаци на своето живеење. Тие се морални и исправни, не се исплашени пред тешкотиите. Со тоа храброста и широкоградоста се потврдуваат и се шират по светот.
проф. д-р Кирил Темков
Етичка мисла
За малодушните и сѐ е ништо, а за храбрите
и малку е мнoгу.
Јеремија Готхелф, швајцарска писателка