Децата сакаат да читаат лектири во кои главни јунаци се нивни врсници. Најмладите читатели најмногу ги сакаат сказните и басните, децата од петто одделение нагоре претежно читаат книги со научнофантастични теми, а тинејџерите ги сакаат книгите за првите љубови од Горјан Петревски. Од незадолжителниот избор, кај девојчињата најомилени се делата за Сара Кеј, а момчињата лудуваат по книгите за Хари Потер

ВРЕМЕПЛОВ: ЛЕКТИРИ – ОМИЛЕНИ ЧЕТИВА ЗА НАЈМЛАДИТЕ ЗА ВРЕМЕ НА ЛЕТНИОТ РАСПУСТ

„Зоки Поки“, „Касни порасни“, „Втора смена“, „Децата од Павловата улица“, „Големи и мали“, „Дружината братско стебло“, „Белото Циганче“, „Волшебното самарче“, „Јамболлија што лае“, „Споменка“, „Том Соер“, „Хаклбери Фин“, „Приказни по телефон“, „Хајди“, „Козета и Гаврош“, „Пајажината на Клементина“, „Малиот принц“, „Пипи Долгиот Чорап“…..
Ова се само некои од насловите на убавите книги за деца, со кои тие учат да читаат, но подоцна ја развиваат својата имагинација и ги учат првите животни лекции. Со овие безвременски дела израснале многу генерации, а веруваме дека и во иднина ќе бидат омилена лектира. Листата на зададените книги што учениците треба да ги прочитаат за време на летниот распуст одвреме-навреме се менува, но некои од книгите се дел од историјата на омилени детски лектирни изданија веќе стотина години.

„Доктор Офболи“ нѐ учи на хуманост

Летото е идеален период за дружење со книгата, бидејќи децата не се оптоварени со училишни обврски и имаат многу слободно време. Но во добата на дигитализацијата и технолошките достигнувања, за жал, сѐ помалку деца седнуваат да читаат. Тие најчесто времето го минуваат пред компјутер или пред својот мобилен телефон, со чија помош комуницираат со своите врсници. За среќа, има и исклучоци, деца на кои книгите сѐ уште им се најверни пријатели, кои во еден здив ги читаат омилените лектири. Доказ за тоа е податокот дека секое лето, па и ова, во библиотеката „Кочо Рацин“ во скопската населба Автокоманда имало вистинска навалица за лектирни изданија.
Мери Анчевска, ученичка во четврто одделение, ни откри дека летово била навистина вредна, па ги прочитала книгите: „Пинокио“, „Модричка тетратка“, „Шеќерна приказна“, „Двојната Лота“, „Народни приказни“ и „Пипи Долгиот Чорап“.
– Омилена лектира ми е „Доктор Офболи“, бидејќи тој во книгата е претставен како многу хуман човек што ги сака животните и се грижи за нив. Јас најмногу сакам да читам книги што се поучни за мене и за околината во која живеам. Кога имам време, ги прелистувам страниците на Детската илустрирана енциклопедија, каде што навистина има што да се научи – вели Мери Анчевска.
За жал, наставниците во основните училишта потврдуваат дека последниве години децата не сакаат многу да читаат за време на летниот распуст и обично читаат само по две-три книги.
– Некои ученици читаат сосила, за да ги исполнат барањето на своите родители, а други за да ги намалат обврските во текот на учебната година. Во просек, секое дете чита барем по две-три дела предвидени за обработка во текот на новата учебна година. За среќа, има и деца што ги читаат сите книги што им се дадени како лектири. Омилени им се оние за кои веќе слушнале од постарите другари или делата за кои слушнале од своите родители, браќа и сестри, кои им ги прераскажувале бабите и дедовците– вели Наташа Талеска, одделенска наставничка во ОУ „Враќа Миладиновци“ во скопската општина Аеродром.
Таа смета дека нема потреба од измена на листата на лектири, освен што може да се обноват веќе искинатите изданија во училишните библиотеки. Според неа, има квалитетни македонски детски писатели, како Ванчо Николески, Оливера Николова, Јован Стрезоски, Горјан Петрески, Киро Донев, чии книги допираат до детските срца и имаат влијание на формирањето на нивниот карактер.

Исти лектири, нови читатели

Сѐ уште постојат книги со кои растевме ние, а растат и нашите деца. Актуелни наслови се: „Доктор Офболи“, „Мице“, „Басни“ од Толстој, „Шеќерна приказна“, „Пипи Долгиот Чорап“…А ние растевме со „Волшебното самарче“, „Втората смена“, „Децата од Павловата улица“, „Големи и мали“, „Дружината братско стебло“…
– Јас како одделенска наставничка, во јуни на учениците им давам отпечатен лист со имињата на лектирите што треба да ги прочитаат за време на летниот распуст. Секогаш се задржувам на лектирите дадени од Министерството за образование и наука. Но во текот на учебната година си правиме библиотека со книги што децата сами ги носат оддома и сакаат да им ги предложат на своите другарчиња – вели Талеска.
И Драгана Кузмановска, наставничка во основното училиште „Димитар Македонски“ во скопската населба Лисиче, вели дека бројот на учениците што ги читаат книгите за време на летниот распуст е сѐ помал, но интерес за читање сѐ уште постои.

– Децата сакаат да читаат лектири во кои главни јунаци се нивни врсници. Најмладите читатели најмногу ги сакаат сказните и басните, децата од петто одделение нагоре претежно читаат книги со научнофантастични теми, а тинејџерите ги сакаат книгите за првите љубови од Горјан Петревски. Од незадолжителниот избор, кај девојчињата најомилени се делата за Сара Кеј, а момчињата лудуваат по книгите за Хари Потер. Но новото динамично време бара и менување на лектирите. Факт е дека учениците порано читаа повеќе лектири отколку денес, но кој е виновен за тоа, ерата на сеопштата компјутеризација или несоодветната содржина на лектирите што денес се обработуваат, тоа може да се дознае од самите ученици – вели Кузмановска.
Таа смета дека имаме многу квалитетни македонски детски автори, меѓутоа повеќето од нив се од средната или ѝ припаѓаат на постарата генерација на писатели.
– Денес авторите што пишуваат литература за деца во Македонија се сѐ помалобројни, а освен тоа не донесуваат свеж ветер во нашата литература наменета за најмладите – вели наставничката по македонски јазик Драгана Кузмановска.

Книгите на Горјан Петревски меѓу најбараните

Библиотеките работат во текот на целото лето за нивниот книжевен фонд да им биде достапен на најмладите. Нивните врати се широко отворени за младите читатели, кои секојдневно ги посетуваат овие образовно-едукативни установи, барајќи ги омилените лектири.
– Децата сакаат да читаат за време на летото и во просек земаат по десет книги. Омилени им се сите серии на Хари Потер и сите лектири од Горјан Петревски, додека во безвременски книги можам да ги набројам „Двојната Лота“, „Хаклбери Фин“, „Пат околу светот за 80 дена“, „20.000 милји под морето“, „Гуливеровите патувања“, „Робинзон Крусо“…- вели Силвана Јакимова, библиотекарка во библиотеката „Другарче“ во Скопје.
Вработените во библиотеката најчесто на децата им препорачуваат книги од македонски автори.
– Нашата библиотека постојано се збогатува со дела од домашни автори, а најзастапен писател во лектирните изданија е Горјан Петревски. Освен лектири, децата обожаваат да читаат авантуристички и научнофантастични романи – додава Јакимова.
И во библиотеката „Кочо Рацин“ во Автокоманда постојано се изнајмуваат лектири, но децата сѐ почесто земаат и слободна литература. Библиотекарката Милхата Усеин вели дека насловите што се изнајмуваат секоја година се исти, со мали измени.
– „Силјан штркот“, „Орхан“, „Калеш Анѓа“, Девојките на Марко“, „Втората смена“, „Итар Пејо“, Белата грива“, „Улави години“, „Мери Попинс“, „Малечката Фадета“… се меѓу најбараните наслови во нашата библиотека. Од слободната литература, најбаран е серијалот за Хари Потер – вели библиотекарката Милхата Усеин.
Таа додава дека повеќе се бараат дела од странски отколку од домашни автори, но кога бараат совет од неа, таа топло им ги препорачува насловите на домашните писатели за деца.


Книга

Посакаш ли низ ѕвездено небо
да бродиш,
со мечтите низ светот да одиш,
во сонот да владееш со тронот.

Книгата е таа
знаење што нуди,
во нашиве срца
топол жар што буди.

Книгата е таа
на прошетки што кани,
низ предели разни,
низ чудесни сказни.

Книгата е порта отворена
и шир за душа наша,
спокој е и мир,
ама знае сѐ што ќе ја прашаш.

Катерина Маринковиќ (Од алманахот на детскиот фестивал „Ракатки“)


Омилени лектири на Аника Златкова ѝ се „Итар Пејо“ и „Ѕвездени перничиња“

Аника Златкова од први септември ќе биде четврто одделение во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ во Скопје. Таа ни откри дека летово ѝ минува динамично и интересно, а наоѓа време и за читање лектири. Омилени ѝ се „Итар Пејо“ и „Ѕвездени перничиња“, а во моментот ја чита книгата „Орхан“, која многу ѝ се допаѓа.
Од незадолжителната лектира, таа прочита една книга со популарната хероина Исидора Мун, како и „Дневникот на едно смотано девојче“.
Освен за читање, таа издвојува време и за возење велосипед, за другарување и дружба со својата братучетка Леонора, која е дојдена од Подгорица, Црна Гора. Аника свири на клавир и многу сака да слуша и музика.
И да, во сите дружби е присутно и кутрето Каспер, осуммесечен кокер шпаниел, нејзино весело и пргаво другарче.