Теодора мечтае да патува низ светот и да ја преточува убавината на природата во нејзините слики
Гевгелија одамна е позната како место од каде што потекнуваат голем број ликовни уметници, како од постарата така и од помладата генерација, кои заземаат значајно место на македонската ликовна сцена.
Овој пат сакаме да ве запознаеме со една млада уметница, ученичката Теодора Ставрова, која иако има само 14 години, со своите ликовни творби, со сигурни чекори ита кон нејзината желба да стане познато име, како на гевгелиската така и на македонската ликовна сцена.
За првпат во 2020 година, Теодора се претстави со самостојна изложба насловена „Човекот како битие“, а учествувала и на повеќе групни изложби во Гевгелија.
Теодора е ученичка во деветто одделение во основното училиште „Крсте Мисирков“ во Гевгелија, а од најрана возраст кај неа била присутна желбата за сликање, па нормално било таа да стане дел од ликовната работилница при Пионерскиот дом, односно од формирањето на оваа работилница, која ја води академската сликарка Мирјана Крстева Массети. Затоа Теодора ја посочува својата менторка Массети како најзаслужна за надградувањето на своето познавање на уметноста со тоа што вешто ѝ го пренела нејзиното знаење.
Ставрова наоѓа инспирација за сликање во настаните што ја опкружуваат секојдневно.
– Случките од секојдневието зачинети со имагинација ми помагаат да создадам свој свет што го пренесувам на хартија. Најчесто сликам со акрилни бои, но употребувам и најразлични техники со маслени, дрвени бои, молив… – ни откри Теодора.
Освен од својата менторка, таа поддршка за своето сликање и воопшто за учењето најмногу добива од своите родители, на кои, вели „можам да се потпрам во секоја ситуација“.
За младата Ставрова и за нејзините дела, нејзината менторка, м-р Мирјана Крстева Массети, ќе каже:
– Ставрова поседува исклучителен талент и амбиција, како и љубов кон визуелните уметности. Преку нејзините цртежи, кои имаат модерен призвук, конзистентно следејќи ги личните пориви, таа раскажува за нејзините размисли, сонувања и перцепции за светот. Нагласената индивидуалност, амбицијата, талентот, чувството за естетика несомнено навестуваат личност на ликовната сцена во иднина.
А кога ја прашавме Теодора како се гледа себеси по десетина години, таа ни одговори:
– Прво планирам да го продолжам моето образование, најнапред во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, а потоа и на Ликовната академија. Вклучувајќи ја мојата желба да прошетам низ целиот свет, по 10 години се гледам како дипломиран уметник што патува низ светот и ја преточува убавината на природата на лист хартија.
Да ѝ посакаме на Теодора, со оној божји дар што ѝ е даден за сликање, да ги оствари сите свои соништа и еден ден да ја видиме со ликовни изложби, не само во Македонија туку и во странство.
Автор: Љубчо Алексовски