Традицијата продолжува
Уште неколку дена нѐ делат од 53-то издание на фестивалот на детската песна „Златно славејче 2023“, кој ќе се одржи на 17 и 18 ноември во Македонската филхармонија. Претставите почнуваат во 10, 12 и 19.30 часот. Пробите во просториите на Сојузот за грижи и воспитување деца на Град Скопје се во тек. Атмосферата е уште повесела бидејќи гостин на фестивалот годинава ќе биде и популарниот Пајак.
Славејчињата, хорчето и солистите во студиото „Ентерпрајс“ на Валентино Скендеровски, нивниот стар пријател, веќе ги снимија сите песнички, а цедето ќе може да се купи и за време на одржувањето на фестивалот.
Инаку, славејчињата се разиграни и распеани, изминатиот период многу патуваа и гостуваа низ Македонија, а беа гости и на фестивалот „Радост на Европа“ во Белград, Србија.
Со нетрпение очекуваме да ги слушнеме најновите детски хитови на „Златно славејче 2023“, кои се надеваме со години потоа ќе се пеат и ќе живеат меѓу децата.
М.Т.