Единаесетто издание на Младинската керамичка работилница во селото Вранештица, Кичевско

Во најгрнчарското село во земјава, Вранештица, викендов се одржа единаесеттата Младинска керамичка работилница, на која учествуваа 16 ученици од кичевските училишта, под менторство на професорите Лулзиме Османи и Мирослав Крстески. Секој ученик што беше дел од оваа работилница имаше обврска да изработи две дела за Младинската работилница и најмалку две дела за свои потреби.
– Во изминатите три дена во селото Вранештица се одржа Младинската керамичка работилница, на која учествуваа 16 ученици, по осум од ОСУ „Мирко Милески“ и од ОСУ „Дрита“. Од година на година учениците сѐ повеќе ги совладуваат тајните на грнчарскиот занает, а многумина од нив се охрабруваат да седнат на грнчарското колце и сами да создаваат дела, вклучувајќи ги својата инвенција и креативност.Учениците традиционално за Младинската керамичка работилница имаат обврска да создадат по две дела поединечно или вкупно 32 дела да останат за работилницата, кои ќе бидат прикажани на изложбата што ќе биде организирана кон крајот на септември или почетокот на октомври. Според она што се случуваше изминатите три дена во работилницата на мајсторот Слободан Столески, таа беше во целост успешна – истакна менторот, професор Мирослав Крстески.

Работилницата ја посети и заменик-министерот за образование Лулзим Алиу, кој во придружба на директорот на Центарот за култура, Мазлам Османи, покажа голем интерес за керамичката дејност и со големо внимание го следеше создавањето керамички дела од страна на учениците, како и работата на грнчарското колце на мајсторот Слободан Столески.

На работилницата беше присутен и основоположникот на оваа работилница, професорот Филип Фидановски од „Лазо Личеноски“ од Скопје, чии ученици веќе две години работат во Вранештица.

Проектот финансиски беше поддржан од Министерството за култура.

Текст и фото: Зоран Антоски