„Колибри“ е ветер во грбот на многу таленти, а меѓу нив се Филип
Димкоски, поет и дипломиран земјоделски инженер, и Славица Танеска, дипломирана сликарка. Тие двајцата уште како основци стигнаа на страниците на ова гласило и останаа тука сѐ досега, како верни соработници и поддржувачи. Токму затоа ги замоливме токму тие да напишат по една роденденска честитка за нивното и ваше „Колибри“, кое секогаш ја поддржува креативноста, но и желбата за совладување нови предизвици со кои побрзо и подалеку се лета
Не минува времето, туку ние минуваме низ него. Постоиме за да создаваме и да оставиме некаква трага во времето што врви низ нас. Така, македонската поетеса Евгенија Шуплинова пред шеесет и четири години го создаде додатокот за мали и големи деца „Колибри“, како подлисток во првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“. И, еве, „Колибри“ лета, шеесет и четири лета, постоејќи да ги радува децата, да ги насмее, да ги едуцира, да ги информира, да ги забавува, но еднакво да биде четиво и за родителите и за просветните работници, за писателите и за сите оние што ги сакаат децата.
Споменици на моето детство и столбови на мојот литературен пат се две нешта што низ годините постојано се дополнуваат и надоврзуваат, две нешта што ми дозволија да бидам дете кога требаше да бидам и да го чувам детето во себе сега кога сум млад човек. Тоа се литературниот фестивал „Ракатки“ и подлистокот „Колибри“.
Сѐ се случи во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје, на вториот ден од едно од изданијата на фестивалот „Ракатки“. Нашата истакната писателка Бистрица Миркуловска, како член на фестивалскиот одбор, соопшти:
• Драги деца, сите ваши впечатоци од фестивалот испратете ги на таа и таа адреса, до подлистокот „Колибри“ во „Нова Македонија“, кој го уредува Марија Таушанска Анастасовска.
• На која адреса? – прашав јас.
• Јас кажав еднаш, јасно и гласно – рече Бистрица Миркуловска, а мене ми остана да ја чекам наредната година, за да слушнам на која адреса да ги испратам моите импресии за фестивалот.
Меѓутоа, пред да дојде наредното фестивалско издание, јас веќе ја напишав првата книга, за чија промоција известуваше „Колибри“, па така, контактот беше остварен. Мојот прв напис, секако, беше поврзан со фестивалот „Ракатки“, кој долги години и со голема љубов беше креиран и воден од истакнатата професорка и поетеса Славка Арсова, која, пак, деновиве го прослави својот 88. роденден. Ете, уште еден повод за радост!
Со радост и со полна поддршка, љубов и разбирање, моите текстови ги прифаќаше уредничката Марија Таушанска, која ќе ги „дотераше“ и така ќе ги објавеше на страниците на „Колибри“. Секој вторник – радост, возбуда поради новиот број на „Колибри“. Дали ќе го објават мојот текст? Дали ќе им се допадне на читателите? И така, еве, цели дванаесет години. Возбудата е иста како и на почетокот, само што со уредничката станавме како роднини, а читателите со радост ги чекаат и ги читаат моите текстови.
Дванаесет години како делче од шеесет и четирите години на „Колибри“, кому годините не му тежат, туку сѐ уште е лесен, ведар и насмеан за љубопитните читатели, за сите мали и големи деца. Моите дванаесет, се надевам, се едно камче во големиот шарен мозаик на „Колибри“. „Колибри“ е љубов, радост и возбуда, „Колибри“ е ветер во грбот на многу таленти, „Колибри“ е растење, напредок, поддршка и разбирање, „Колибри“ е светлина што го осветлува патот на децата, посејувајќи го со стихови и со насмевки.
Драго „Колибри“, честит роденден! Биди ми богато, шарено и читано, исто колку што си сакано!
И натаму ти останувам верен читател и верен автор.
Со љубов, твојот Филипче, кој сега е Филип и има 27 години, поет и земјоделски инженер