За распеаните деца музиката е ослободена среќа! / Фото: архива на хорот

Ние ја гледаме музиката како средство за изградба на личности, за создавање емпатија, љубов и радост кај децата. Секогаш им велам: „Кога пеете, вие правите магија“. И навистина е така. Кога настапуваат „Ѕвончиња“, нивните гласови допираат до срцата на луѓето и носат насмевки на лицата. Нивната песна е надеж, радост и љубов што ја споделуваме со сите, вели Коруновска

Средба со Марина Коруновска, основачка и диригентка на детскиот хор „Ѕвончиња“ од Битола

Наскоро доаѓа пролет. Неа во Битола ќе ја донесат ѕвонливите гласови на концертот „Гласови на пролетта“ закажан на 23 март. Но кои се тие прекрасни души што знаат ангелски да запеат и да ја разбудат пролетта, дознаваме од разговорот со Марина Коруновска, основачка и диригентка на детскиот хор „Ѕвончиња“.
Хорот е создаден во 2006 година, а тоа значи дека наредната година ќе одбележи дваесет години од своето основање.
– Во конзулската Битола се роди една идеја – да создадеме место каде што децата ќе пеат, ќе се радуваат и ќе се развиваат преку музиката. Така се роди детскиот хор „Ѕвончиња“, проект што од тогаш до денес успеа да распее стотици деца, да внесе светлина во нашата заедница и да ја покаже магичната моќ на музиката – раскажува Коруновска.

И ДЕЦАТА ОД „БЕБИ ЅВОН“ ЗНААТ ЗА МУЗИЧКИ БОНТОН

Во првиот состав на хорот членувале дваесетина дечиња, кои го направиле првиот музички чекор, а денес хорот има 50 активни члена. Од 2006, па до денес, секоја песна е приказна, секој настап е радост, а секое дете – инспирација. Со текот на годините, секако се менувале и дечињата, се менувале генерациите и репертоарот, начинот на изведба и организација. Најважно е што музичкото семејство постојано расте, па така, од 2024 година има место и за најмладите во хорот „Беби ѕвон“, кој е наменет за дечиња од две до четири години.
– Со „Беби ѕвон“ започнавме уникатен проект, знаејќи ја моќта на музиката за раниот детски развој. Денешните деца, за жал, се соочуваат со предизвици што ги носи модерниот начин на живот – „болеста на екранизацијата“. Прекумерната употреба на дигитални уреди ја намалува нивната способност за изразување, ја нарушува координацијата и често создава тешкотии во говорот и социјализацијата. Преку музиката, особено хорското пеење, децата од најмала возраст учат да се изразуваат, да ја подобрат својата моторика и да ја развиваат својата креативност.
Хорот не е само место за пеење – тоа е место за дружење, заедништво и учење. Децата што членуваат во овие хорови не само што ја усовршуваат својата вокална техника туку учат и за дисциплина, тимска работа и почитување. Репертоарот што го изведуваат е шарен и инспиративен – од македонски народни песни, преку класични дела на Моцарт, Шуберт, Бетовен, па сè до популарни детски мелодии и песни од филмови.

МАГИЈАТА НА ПЕЕЊЕТО

Нема манифестација во Битола на која „Ѕвончиња“ не настапиле. Нивните концерти се радост за сите генерации – за децата, родителите и публиката. Освен во Македонија, хорот гостувал и на сцени во Словенија, Италија, Бугарија итн. Иако се добитници на многубројни награди на фестивали, за нив, како што вели Коруновска, музиката никогаш не била натпревар.
– Ние музиката ја гледаме како средство за изградба на личности, за создавање емпатија, љубов и радост кај децата. Секогаш им велам: „Кога пеете, вие правите магија“. И навистина е така. Кога настапуваат „Ѕвончиња“, нивните гласови допираат до срцата на луѓето и носат насмевки на лицата. Нивната песна е надеж, радост и љубов што ја споделуваме со сите – констатира диригентката Марина Коруновска.


Секоја песна е приказна, секој настап е радост, а секое дете – инспирација!

ХОРОТ КАКО МЕСТО ЗА ЗАБАВА, ЕДУКАЦИЈА И ЗА ВОСПИТУВАЊЕ

Хорското пеење, објаснува Коруновска, ги учи децата дека заедно можат да создадат нешто прекрасно. Пеењето во хор ги учи децата на тимска работа, дисциплина и концентрираност. Тоа го стимулира мозокот, го подобрува памтењето и ја развива емоционалната интелигенција. Децата што пеат во хор често се поуспешни во училиште и имаат подобри комуникациски вештини. Покрај тоа, хорот е место каде што децата можат да ги искажат своите емоции, да се социјализираат и да научат да го ценат уметничкото изразување.
– Преку музиката, го градиме патот кон иднината – пат исполнет со радост, љубов и хармонија. Поради тоа што денес децата сè порано влегуваат во пубертет, период исполнет со емоционални предизвици, потреба за самопотврда и изразување, во време кога младите се изложени на негативни влијанија преку шунд-музиката, создадовме здрава алтернатива тин „ПОПРОКЕТ“. Тоа е хор каде што пеењето се користи не само за забавни туку и за едукативни и воспитни цели, насочувајќи ги младите кон квалитетна музика што промовира морални, етички и духовни вредности – подвлекува диригентката и музички педагог Марина Коруновска.