Добрата организација е она по што се издвојуваат подобрите ученици од другите. Одличните ученици обично имаат распоред на дневните обврски кон кој се придржуваат секогаш, па и во овие денови кога учат од дома
Иако периодов наставата за учениците се одвива онлајн, сепак добрите навики се клучни за постигнување на резултатите што се очекуваат од вас, драги деца, и за совладување на предвидениот материјал. Ќе ви претставиме неколку примери, кои ќе ви помогнат во текот на учењето и ќе ви бидат од полза и кога ќе седнете во училишните клупи што, се надеваме, желно го посакувате.
Навика 1: Секогаш пишувајте ги домашните задачи
Домашните не се некој сеприсутен заговор на сите наставници на светот да ги измачуваат кутрите деца, туку најдобар начин учениците да го повторат она што го учеле на училиште и да се ангажираат повеќе, навлегувајќи во прекрасниот свет на знаењето. Затоа добрите ученици никогаш не забораваат да си ги напишат домашните. Напротив, тие прават и повеќе од она што се бара од нив.
Навика 2: Никогаш не доцнете
Да се доцни на училиште или да се влезе 5 минути откако завршил одморот (во времето на корона-изолацијата тоа би значело да се задоцни во вклучувањето во онлајн-наставата), можеби ќе ви изгледа неважно, но тоа е далеку до вистината. Да се појавите во вистинско време е основната навика за одговорен однос кон училишните обврски.
Навика 3: Спијте доволно
Одморот е важен за сите, но најважен е за младите умови како вас, бидејќи на мозочните бразди им е потребно доволно количество сон за да можат правилно да ги формираат неутралните врски и да ги обработат стекнатите информации. Затоа не претерувајте со видеоигри и седење пред компјутерот.
Навика 4: Бидете одговорни
Учениците што најчесто добиваат добри оценки ретко се неодговорни. Обично се малку позрели од врсниците, а тоа им овозможува правилно да се однесуваат кон своите обврски.
Навика 5: Уредни тетратки
Со нив полесно се учи, ги содржат најбитните информации што ги кажува наставникот, а освен тоа никогаш не го обесхрабруваат сопственикот да ги отвори.
Навика 6: Активно учествувајте на часот
Кога се на училиште (или како периодов, следат онлајн-настава), учениците имаат две опции: или активно да учествуваат или, за да им мине времето, да најдат друга забава, како: црткање, разговарање, гледање низ прозорецот, праќање СМС… Па одберете сами која опција е подобра?
Навика 7: Задолжителен распоред
Добрата организација е она по што се издвојуваат подобрите ученици од другите. Одличните ученици обично имаат распоред на дневните обврски кон кој се придржуваат. На пример, по училиштето (или онлајн-наставата) одморете се неколку часа или одете на дополнителни (спортски и други) активности, деновиве трансформирајте го тоа во неколку вежби за добра физичка форма.
Потоа ако е потребно завршете некоја домашна обврска, а потоа напишете ја домашната. На крајот можете да си дозволите малку играње на компјутер, а уште подобро е играње друштвени игри со домашните, гледање некој интересен филм или читање на омилената книга.