Фото: Од архивата на фестивалот

На 2 и 3 јуни успешно реализирани „Средби под јаворите“ – литературна манифестација за деца во Струмица

Со фестивалската химна „Убави зборови“ по текст на Видое Подгорец, а со музика и аранжман на Душко Филев, започна свеченоста на која им беа доделени награди на учениците и на нивните ментори, по распишаните конкурси во рамките на манифестацијата „Средби под јаворите-Видое Подгорец“, која се одржа на втори и на трети јуни во Струмица.

ГОЛЕМ ИНТЕРЕС ЗА РАСПИШАНИТЕ КОНКУРСИ

Станува збор за манифестација што постои повеќе од две децении и има цел да ги обедини талентираните ученици – идни литерати, креативните наставници и писателите за деца. Последниве години манифестацијата е во подем, а за тоа зборуваат бројноста на публиката, интересот за конкурсите и нејзиниот меѓународен карактер.

На распишаните конкурси за основно и за средно образование со зададени теми според дела на Видое Подгорец, пристигнале околу 300 пријави, а најдобрите имаа можност да бидат во Струмица, да другаруваат со нивните врсници и со писателите за деца и да ги прочитаат своите наградени песни. Годинава акцентот беше ставен на делата „Прости ми канаринке“ и „Топли гнезда“ од Подгорец, но и „Збркана сказна“ од Киро Донев.

Конкурсите имаат меѓународен карактер, па освен од Македонија, пристигнале и творби од Балканот, а некои од нив беа и наградени.

Наградените млади литерати читаа пред многубројна публика дојдена во Домот на армијата во Струмица да слуша, но и да рецитира и да пее заедно со младите таленти.

СРЕДБИ СО ПИСАТЕЛИТЕ ЗА ДЕЦА

Во рамките на манифестацијата се одржа и Креативен книжевен карван со писателите Јулијана Величковска, Виолета Танчева Златева, Ксенија Маказиева Трајчева, Сузана Мицева, Ана Витанова Рингачева и Филип Димкоски. Тие на радост на дечињата читаа, раскажуваа, разговараа, драматизираа, па дури и заиграа и запеаја во градинката „Виножито“ и во училиштата „Видое Подгорец“ во Струмица, „Борис Трајковски“ во Бориево и „Маршал Тито“ во Муртино.

Во библиотеката „Благој Јанков-Мучето“, пак, која е верен поддржувач на манифестацијата, беше поставена Изложба на делата на Видое Подгорец, кој, според истражувањето на библиотекарката Тања Ѓошева, објавил дури 117 дела и со тоа веројатно е најплодниот македонски автор. На средба во библиотеката дојдоа и дечињата од градинката „Детска радост“, од ОУ „Видое Подгорец“, но и ученици од Куманово, Штип, Македонска Каменица, Скопје… Манифестацијата ја организира здружението „Средби под јаворите-Видое Подгорец“ со поддршка на „Просветно дело“.

В петок, на 13 јуни, во рамките на манифестацијата „Средби под јаворите-Видое Подгорец“ ќе се одржи советување на темата „Библиотеките-темел на писменоста“ и тогаш ќе бидат доделени награди, признанија и благодарници за најдобрите библиотекари во државава.


Гнездо

Над поток бистер гранчиња се вишат,
а во нив гнездо, се ниша, се ниша.

Ветерот му шепоти, сонцето го грее,
птицата најубава песничка му пее.

Потокот му плиска, лисјето му збори,
од утро до вечер, од зори до зори.

Кој, кој ли го сплете тој дом толку убав?
Птица, мило дете, од својата љубов.

Еден ден во гнездото песна ќе се роди
и по светото сончев, ќе броди, ќе броди…

Видое Подгорец


Топло гнездо

Во прегратка
мајка дете држи,
топлина, љубов
безгрижно таа пружи.
Пердувот лице гали,
Светкаат скриени,
Очиња мали.
Родителите куќа своја прават
на децата топол дом
да им остават.
Сега сонот јаве станува,
среќата настапува
од секоја гранка песна одекнува,
радоста се јавува.
Во домот само
мирот царува,
само семејното гнездо,
таква љубов дарува.
Душата таму цвета
како во пролет
како во многу лета.
Светлина таму блика,
топло гнездо
домот се вика.

Лилјана Нечева, петто одделение
ООУ „Гоце Делчев“-Неготино
Наградена песна на „Средби под
јаворите-Видое Подгорец 2025“


Ливада од соништата

Си тргнал ли некогаш
кон Ливадата од соништата,
да видиш како Илјада цветови
нежно треперат на ветриштата.

Си се вивнал ли и ти
со Летот на белата гулабица
си слушнал ли како во Дивиот рај
милозвучно пее Шарената птица.

Дали некогаш твојата коса
се закитила со Мониста од роса?

Си видел ли како Истрчува белиот коњ
на Горското кладенче вода да пие
а таму горе, Над тополите
Царската птица, Топло гнездо ќе свие.

Си потрчал ли босоног по тревата
Сто сонца, душата да ти ја згреат
си седнал ли потем под Јаворот-Дрвото на спомените
да запееш и ти, канаринките
како што пеат.

Барај ја таа Ливада од соништата
таа е Куќа за целиот свет
Гулабот на мирот над неа
раширил крилја во лет.

Без таа Ливада од соништата
Изгубеното царство ќе го бараш довек
денес мораш да си среќно дете
за утре да бидеш Среќен човек.

Филип Димкоски