ВИЕ НИ ПИШУВАТЕ
Сакаме да ви раскажеме за успешната инклузивна практика што веќе една година ја применуваме во нашето ООУ „Никола Карев“ од Кочани.
Од март започнавме со еден самостоен проект „Час по физичка активност“ за лица со посебни образовни потреби. По иницијатива на наша вработена, наставничката по ликовно образование, родителка на дете со посебни потреби, и безусловно прифаќање на идејата од страна на директорот Александар Андов, кој ни ја даде училишната спортска сала на користење, го започнавме овој проект. Секоја сабота околу 13 лица со попреченост од различна возраст, наши инклузирани ученици и лица што веќе го имаат завршено воспитно-образовниот процес, а не посетуваат друга институција, со радост започнуваа со овој час.
Училишниот дефектолог Кристина Јанева, наставничките по физичко образование Емилија Милованова Стојанова и по ликовно образование Радмила Божиновска, со огромна љубов и посветеност, волонтерски работат со овие лица за подобрување на нивните психомоторни способности. Се запознаваме со придобивките од физичката активност и од здравата исхрана, за значењето на физичкото и менталното здравје, сè со цел да бидат посамостојни и активни во општеството. Покрај подобрување на физичките способности, како најголема придобивка што ја добиваат овие лица е нивната социјализација, дружењето, а пред сè издигањето на свеста за можностите на лицата со различни видови попречености. Нивните насмеани лица и нетрпението со кое ја очекуваат саботата да се соберат да вежбаат, да се дружат, се најголемата награда и сатисфакција за нас кои директно сме вклучени во овој проект.
Неодамна учествувавме во хуманитарен спортски настан организиран од училиштето под мотото „Различноста е наша сила“, каде што покажавме што работиме, што умееме и дека и овие лица можат да учествуваат и заслужуваат љубов и поддршка. Овој настан беше првиот вистински инклузиран настан што се организирал во Општина Кочани.
Кристина Јанева
училиштен дефектолог при ООУ „Никола Карев“ – Кочани