Етика за млади
Диме забележа дека неговите родители се многу сериозни, нешто си шушкаат, а нему не му кажуваат што се случува. Бидејќи од него досега ништо не криеја, се осмели да ја праша мајка си:
– Мамо, што е?
Таа му одговори дека дедо му е многу болен. Не сакале да го вознемират, бидејќи тој многу го сакал. Побара да го одведат во болница. Таму лежеше дедо му, изнемоштен, ослабнат. Се израдува кога го виде внукот. Диме го гушна дедото.
Одвај чу:
– Здраво, мило детенце.
Диме го фати дедото за слабата рака. Му беше тешко. Го праша што го боли. Дедо му му одговори дека тоа не е важно, да не се грижи, дека е стар и оти е нормално да е болен. Но го замоли да му каже како е на училиште.
– Многу сакам да учиш и да бидеш добро дете – му рече.
Диме вети дека ќе го послуша.
Кога неколку дена подоцна дедо Диме почина, малиот Диме плачеше. Си рече дека ќе го послуша, ќе учи и ќе биде добар човек.
СТАРИТЕ И МЛАДИТЕ понекогаш живеат заедно. Постарите, додека можат, се грижат за нив. Младите растат под закрилата на нивната љубов, од нив ги наследуваат имињата, ликот, дарбите и вештините, имотот и други нешта што го сочинуваат животот.
Младите се сретнуваат и со проблемите на живеењето на постарите, со тешкотиите на нивните родители, на бабите и дедовците, на роднините и пријателите. Не можат да се затвораат очите пред проблемите и да се имаат заблуди за луѓето со кои живееме.
Истовремено, со тоа младите учат што е животот и како треба да се однесуваат. Како да ги прифатат тешкотиите, како да ги решаваат проблемите. Ако ги споделуваат проблемите со постарите, тие ќе добијат важни поуки што им се потребни во животот.
Драги деца, најблиски ви се вашите родители, бабите и дедовците. Сакајте ги и слушајте ги, учете од нив. Тие многу ве сакаат и ви го посакуваат најдоброто.
Автор: проф. д-р Кирил Темков