„Творилница 2“ во културниот центар „Јадро“ во Скопје
Второто издание на проектот за детски креативни работилници „Творилница“, кое се одржа минатата сабота, поврза над 230 ученици од основните и средните училишта низ цела Македонија и нивните наставници.
Културниот центар „Јадро“ ги отвори своите врати за многубројните учесници, пријатели и гости. И покрај дождот, сите со нетрпение очекуваа да ги покажат своите нови вештини и финалните авторски проекти. Илијана Атанасова, како авторка и носителка на проектот „Творилница“, и Ангел Ангелов, амбасадор на Бугарија во Македонија, им честитаа на децата и на нивните ментори за прекрасната работа и за заедничките успеси.
Гости на презентацијата на работилниците беа и Петар Петров, прв секретар во Амбасадата, и Билјана Ангелова, сопруга на амбасадорот Ангелов, со нивната ќерка Амели, како и гости од дипломатскиот кор, наставници од скопските основни и средни училишта, многу пријатели и поддржувачи на „Творилница“.
Проектот е дизајниран за да развива нови креативни вештини кај децата од 7 до 18-годишна возраст. Со помош на менторите од различните области на уметноста, учесниците втора година по ред можат да го прошират наученото за време на креативните работилници во „Творилница“ и да откријат нови интереси и таленти во своето креативно творење во областа на музиката, литературата, ликовната и драмската уметност.
Како и лани, така и годинава Литературно-новинарскиот клуб работеше под менторство и организација на Ксенија Маказлиева Трајчева, писателка и уредничка на списанија и изданија за деца. Учесниците напорно работеа за да направат свои книги и списанија, во кои објавија песни, раскази, приказни, интерактивни предизвици, крстозбори и многу други интересни прилози.
Сценариото за целиот настан го подготви екипа од литературно-новинарскиот клуб, а водители беа Константинос Соломос, Михаела Павловски, Зорица Чилиманова и Сара Ѓорѓиноска, под менторство и во тандем со Ксенија Маказлиева Трајчева.
Екосписанието „Десеттата планета“ од ООУ „Димитар Миладинов“ беше претставено од неговите автори, како во форма на рачно изработена верзија, така и во дигитален формат, со посебен прилог – екострип „Супер-Планетко“, во кој беше претставена неговата екомисија, а беше дел и од видеопрезентацијата.
Членовите на музичкиот клуб и нивната менторка Стефана Марковиќ нѐ изненадија оваа година со првата авторска песна на „Творилница“. Со миниконцертен перформанс се претстави и нашиот „АББА бенд“, како и Мина Димоска со соло-настап.
Потоа учениците од ООУ „Невена Ѓеоргиева-Дуња“ го претставија нивното весело списание „Забавен свет“, кое содржи многу литературни прилози, игри, гатанки, крстозбори, интересни и корисни информации.
Драмскиот клуб и нивната менторка, актерката Ангела Стојановска ни покажаа со кратко видео како вежбаат правилно да читаат драмски текст, како вистински актери се подготвуваат за претстава и Ангела одговара на лавина детски прашања.
Проектот „Јана сонува“ ни го претставија неговите креатори, ученици од ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ и „Браќа Миладиновци“ – Скопје.
Проект-книгата „Волшебен водопад“ на учениците од ОУ „Вера Јоциќ“ ја разбуди фантазијата на сите деца и возрасни.
Учениците од гимназијата „Јосип Броз-Тито“ се претставија со авторска стихозбирка, со дел од песните на ученици што веќе биле наградени во Македонија и во странство.
За крај, менторот на Клубот на ликовни уметности и бодипејнт-уметник Бојан Стојковски-Ковски ги покани сите учесници да излезат на сцената, а гостите да ја разгледаат изложбата со нивни дела.