В четврток, по шести пат
В четврток, на 22 август, традиционално, во ОУ „Ванчо Николески“, во селото Лескоец, крај Охрид, со почеток во 10 часот, свечено ќе биде отворен шестиот по ред балкански поетски камп за млади „Ванчо Николески“.
Учениците од училиштето, единствената институција кај нас што го носи името на родоначалникот на македонската литература за деца и млади, за свечениот чин подготвуваат посебна културно-уметничка програма.
Учесници се млади, надежни поетски имиња од Македонија, Бугарија, Грција, Албанија, Турција и од Хрватска.
По свеченото отворање на манифестацијата, учесниците и организаторот – друштвото за литература и култура „Мацково“, ќе му оддадат почит на Николески, со полагање цвеќе во неговото вечно почивалиште во Охрид.
Годинава, како плод на воспоставената прекугранична соработка со Организацијата за литературно и културно активирање од Корча, Албанија, кампот внесува нова содржина, со тоа што, еден ден, петок 23 август, учесниците и организаторите, од Охрид и Црвена Вода, местото на раѓањето на Николески, ќе се префрлат во областа Мала Преспа, Албанија, регион населен со етнички Македонци.
Таму, тие ќе им бидат гости на своите другарчиња од средното училиште во Пустец, како и на Општина Пустец, каде што ќе ги прими градоначалникот Пали Колефски.
Централниот прекуграничен настан е организиран во селото Глобочани, родното место на Стерјо Спасе, врвен литературен деец во Албанија со етничко македонско потекло. Во Спомен-домот, подигнат во негова чест, познавачи ќе говорат за ликот и делото на писателот, додека поетите ќе читаат песни пред монументот на Стерјо Спасе, на сретселото.
Годинашните учесници ќе бидат примени и во општините Охрид и Дебрца, од страна на градоначалниците, ќе имаат можност да ја разгледаат богатата галерија на дела од ликовната колонија „Дебрца“ во Белчишта, како Спомен-собата на Николески во Црвена Вода, заедно со неговата родна куќа.
Манифестацијата ќе трае до петок, 24 август, во овој период, часовите за креативно пишување, односно поетските работилници, ќе ги води поетот, професор д-р Христо Петрески.
Бидејќи кампот се организира паралелно со „Струшките вечери на поезијата“, учесниците, благодарение на воспоставената соработка, ќе имаат можност да проследат дел од манифестациите на светскиот поетски фестивал – „Струшки вечери на поезијата“, вклучувајќи го и поетскиот портрет на лауреатот на „Златен венец“ на СВП за 2024 година, во црквата „Св. Софија“ во Охрид.
Во Охрид ќе ги разгледаат најзначајните споменици на македонската историја и култура и ќе го посетат Музејот на холандскиот писател А. Ден Долард, каде што ќе читаат свои творби.
Балканскиот поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“ се одржува под покровителство на Светската академија на поезијата при УНЕСКО, со седиште во Верона, Италија. Настанот е финансиски помогнат од општините Охрид и Дебрца, како и од спонзори и помагатели.