Запирка
Свиена шија,
сведната глава,
– тоа е знак
зад зборот што се става
за да подзапреме,
да се одмориме
додека читаме,
пишуваме
или збориме.
Извичник
Капнала капка,
истегнала врат,
па клакала – клак!
Клакала – клак!
Станала извичник,
– за чудење знак.
Прашалник
Прапара – прап!
Прапара – прап!
Ова е деца
алатка – срп.
Срп остар што некогаш
ко ашалник-машалник,
паднал на кашалник
и станал знак прашалник.
Точка
Паднала плочка
во вирче,
во лочка,
од болки се смалила,
– станала точка.
Точка ко зеница,
ко болва,
ко стеница
што стои
и стражари
зад обична реченица.
Две точки
Плочка под плочка,
плочка над плочка
сѐ на место стојат
ко лочка до лочка.
Стојат и велат:
Чакара – чак!
Две точки сме ние,
– за набројување знак!
Три точки
Три топчиња,
три копчиња
без окца за глеткање
построени стојат
и не се делат,
не се двојат,
зашто се – хак!
Незаменлив знак
за речено
– недоречено,
запишано,
недопишано.
(Од книгата „Ѕвезда со гнезда“ на Стојан Тарапуза)