Основното училиште „Рапмпо Левката“ во Прилеп успешно го спроведува проектот „Перото на македонските автори за децата во нашата училница“ организиран од Здружението на одделенски наставници.
Учениците од 3-а и 3-в одделение, заедно со наставничките Билјана Илиоска и Снежа Ѓорѓиоска, на гости го поканија поетот Филип Димкоски, кој со радост ги прифаќа поканите од училиштата.
Настанот почна со презентација на творештвото на поетот подготвена од наставничките и од учениците, потоа поетот им прочита дел од своите песни и одговараше на интересните прашања од учениците, но ги слушна и нивните рецитации.
Следуваше работилница во која учениците ја изразија својата креативност преку краснопис и украсување песни од Филип Димкоски и изработка на корица, креирајќи „Книга на паралелката“. Најкреативните ученици добија книги и списанија од авторот како награда за вложениот труд.
Ваквите средби ќе ги поттикнат учениците на љубов кон пишаниот збор и сопствениот јазик – велат наставничките.
Aвторката Лина Димоска, пак, која периодов е актуелна со својата книга „Мачорот Тане“ ги посети вторачињата од 2-а одделение од ООУ „Рампо Левката“ и нивната наставничка Габриела Салатоска.
Се запознавме со животот и делото на авторката, уживавме во нејзиното читање и прераскажување, дискутиравме, извлекувавме поуки и на крајот илустриравме омилен момент од книгата, од кој ја склопивме и нашата книга на паралелката – ни рече наставничката Салатоска.
Вторачињата, пак, од ова училиште ги посети поетесата Снежана Паноска, а нејзини домаќини беа наставниците Гоце Петровски и Елеонора Гешоска.
Овој проект е инициран од Марија Богатиновска и Ксенија Николова од здружението на одделенски наставници „Учител“ и во него самоиницијативно се вклучија голем број наставници, ученици и училишта од цела Македонија.