Осумгодишната гимнастичарка Илина Кузманоска освои три награди во Бугарија!

Таленти

Илина Кузманоска од Прилеп има само осум години, но веќе постигнува одлични резултати во омилениот спорт – ритмичка гимнастика. На последниот натпревар во Хасково, Бугарија, таа освои три награди – прво место во натпревар со обрач и две трети места, во повеќебој и без реквизити. Минатата година се закити и со прва награда на натпревар во Сараево, Босна и Херцеговина.

Веќе две и пол години ова упорно девојче трипати неделно тренира ритмичка гимнастика, а тренерка ѝ е Александра Стојаноска. Таа ја одбрала ритмичката гимнастика бидејќи е спој од уметност и спорт. Со фини движења и одредени техники, нејзините настапи се стремат кон совршенство, па затоа со причина се смета за идеална физичка активност за нејзината возраст. Наедно, покрај развојот на координацијата и фината моторика, вежбајќи Илина гради чувство за ритам и музика, склад на телото и духот, грациозност и убавина на движењето.

Нејзините родители велат дека ритмичката гимнастика за Илина е одличен избор, бидејќи спојува повеќе работи во едно, како што се танцување, балет, игра со разни реквизити, како што се топка, лента и хулахоп, и игра на музика, а сето тоа споено во едно е многу убава здрава физичка активност.

Придобивката од гимнастиката е од посебно значење поради фактот што инсистира на правилно држење и движење на телото и хармоничен развој на сите негови делови. Со гимнастиката се спречуваат потенцијалните деформитети на телото кај децата и младите, како што се рамни стапала или искривен ‘рбет. Редовното вежбање гимнастика постепено ги зајакнува рацете и рамениот појас на секој вежбач и му дава исклучителна ориентација во времето и просторот – вели нејзиниот татко Влатко Кузманоски.

Илина заврши второ одделение во ОУ „Кочо Рацин“. Освен гимнастиката, ја сака и природата, но наедно сака и да пее, а добро ѝ одат и сите предмети во училиштето. Ка.М.