Познатиот писател за деца денеска слави роденден со промоција на нова книга
По повод 80-от роденден на познатиот македонски писател за деца и млади Киро Донев и 55-годишнината од публикувањето на неговото прво дело, деновиве издавачката куќа „Македоника литера“ ја објави книгата „Моите приказни“, која содржи 80 раскази, а дел од ова издание ќе биде публикувано во специјална серија од 80 примероци.
Книгата претставува избор од неговите книги со раскази и почнува со неговата автобиографска приказна. Поделена е во неколку целини: „Од дневникот на Зорка Сештозбрка“, „Од дневникот на Васко Пикаско“, „Дарко во зоопаркот“, „Приказни од куќичката на дрво“ и „Приказни за годишните времиња“.
Иако Киро Донев вчера ги заокружи своите осум децении, книгата ќе биде претставена денеска, 22 март, во Домот за деца и млади во Струмица, кој по истите поводи организира пладневна роденденска средба со омилениот автор. Притоа, ќе биде претставена и специјалната серија на изданието од 80 примероци.
Во име на „Колибри“, со кое Донев соработувал уште како пионер, а и денес на наше големо задоволство е чест гостин на нашите страници, му посакуваме добро здравје и чиста мисла и да нѐ израдува со уште многу нови книги за деца во иднина.
Мојата приказна
На дваесет и први март 1942 година, од објективни причини и со непосредна спогодба меѓу моите родители, сум се родил и јас во Моноспитово – најубавото струмичко село. За тоа си имам и потврда. Што се вели – „црно на бело“!
Но, сепак, при тој свечен чин, за некои од присутните, нешто како да не било во ред. Зашто наместо да заплачам како и секое друго новороденче, јас сум дошол смеејќи се на овој свет! Самоуката селска бабица, на која најпрво сум ѝ подал рака, збунета и испаничена, на сет глас викнала вака:
„Леле, луѓе, ова колку е чудно, толку е жално… Ова дете или ќе е многу паметно, или, не дај боже, ќе биде ненормално! Над нас летаат авиони, трештат бомби, во дворот ни шетаат окупатори, а тоа, видете го – се смее! Ова на добро не ќе е!“
И така, јас си се смеам, а таа си продолжува да се чуди и да си „баботи“. Сигурно ми беше лута зашто се родив попладне, па мораше прекувремено да работи. Или, пак, ни на крај памет не ѝ дошло на кутрата, дека во тој таканаречен – окупаторски момент, јас само сум сакал да го ослободам мојот иден талент?! Оттогаш, па еве дури досега, јас животот си го сфаќам сè некако на шега! Така е, чесен збор… Еве, полнам осумдесет години и до денес ништо не ме исплашило. Не сум рекол ниту еднаш ни – „ах“, ни – „оф“! Пораз не признавам, а за победа го сметам секој ден нов.
Роден сум во знакот – ОВЕН, па сосем е нормално, што често удирам со главата во ѕид. Но притоа не чувствувам ниту болка, ниту пак страв. Имам дури и полза: на тој начин си собирам тули од урнатиот ѕид и си градам свој личен став! Ама кога е потребно, знам на сите јазици да молчам. Знам кога не треба „туѓи круши да берам“, или – „празна слама да толчам“! Оти притоа може непријатни нешта да се случат, па децата и младите и од моите грешки да почнат да учат.
За сево горе кажано, не сакам некој погрешно да ме сфати. И јас, како многу луѓе, животот си го живеам на рати. Зашто наречниците кога ми ја прорекувале иднината, ме задолжиле – со по една книга годишно – да ѝ се оддолжам на Татковината. А бидејќи „од пишаното дури и неписмениот не може да избега“, јас таа задача чесно си ја извршувам досега. Со понекој роман, збирка раскази или песни, со некоја радио или ТВ-драма и по нешто смешно друго, плус… Ама, каква полза, кога ништо од напишаното не ми се допаѓа, зашто си имам префинет вкус. Згора на сè, и нешто друго ме нервира. Некои од моите книги, на недолжните деца – им се препорачани како – задолжителна лектира. Па, така, со години си тераат. Ми велат оние вредноста што ми ја мерат:
„Навистина си чуден, наместо ние – ти се нервираш. Нашата вага е точна. Ти треба својот кантар да си го набаждариш! Си се проценуваш многу строго… Ако не е тајна, ај кажи ни, барем кој наш писател ти се допаѓа најмногу?!“
„Најмногу го читам и го ценам Гоцета Делчев – им реков. – Подобар поет и писател од него, не сум сретнал на веков! Има напишано само една книга – МАКЕДОНИЈА. Навистина, без шега – подобра книга од неа не сум прочитал до сега!“
Ете, само толку сакав за себе да кажам. А, ако еден ден, „пукнам“ од мака, тоа ќе биде поради тоа што не научив во животот барем малку и јас да лажам.
Вашиот Киро Донев
(Од книгата „Моите осумдесет приказни“)