Вие ни јавувате
Годинава се навршуваат сто години, еден век постоење, и затоа имаме најмалку сто причини за прослава. Оваа 2024 година училиштето „Св Климент Охридски“ во с. Драчево слави два јубилеја: 100 години постоење како воспитно-образовна институција и 80 години од одржување настава на мајчин, македонски јазик.
Учениците и вработените во училиштето, сегашни и поранешни, секогаш имаат обичај да кажат дека го доживуваат ова училиште како жив ентитет. Училиштето дише, оддишува со енергија и живот, кои нè водат напред во нови предизвици. Ова е училиштето во кое учеле нашите прадедовци и прабаби, дедовци и баби, родители, наше училиште, а се надеваме и училиште во кое ќе учат и нашите деца и внуци.
Горди сме на фактот дека сме создале незаборавни спомени, но исто така горди сме дека создаваме иднина, успешни генерации на млади и среќни луѓе, кои смело чекорат напред.
На 5 декември во Домот на културата во с. Драчево се одбележа големиот јубилеј под мотото „Еден век посветеност, знаење и успех“ и темата „Портрет на едно училиште што дише“. Ученици од сите генерации, сегашни и поранешни, заедно со своите наставници, и сегашни и поранешни, голем број пријатели и соработници, родители и претставници на пријателските општински училишта, но и видни гости од Општина Кисела Вода и Владата на Македонија до последно место ја исполнија салата и присуствуваа на незаборавно патување низ времето, минато, сегашно и идно.
Наташа Старделова, библиотекарка
во училиштето