Од творештвото на: Бистрица Миркуловска

Фустанче од свилица

Посакала Милица –
фустанче од свилица.
Вредна баба дома седи,
дење ноќе свила преде.
Пајачица разбој има,
тенко ткае сета зима.
Пеперуга – в нежни бои –
фустанчето ќе го скрои.
Десет дробни бубамари
ќе извезат цветни шари.
Со грстови суво злато
– веднаш ќе го купи тато.
Ќе облече Милица
фустанче од свилица.

 

Бубамара

– Лет, лет, бубамаро,
донеси ми гости!

Летај, летај бубамаро,
на прсте ми слетај!
Почини си потоа
низ дланката шетај!

Многу сакам да ги гледам
твоите крилца лични:
црвени со црни точки,
на фустанче слични.

Исполни ми една желба:
летни, шири крила –
од далеку да ми дојдат
дедо, баба мила!

(Од книгата „Сите деца мили“)