Живиот свет околу нас во стиховите на Трајче Кацаров (17)
Драги деца, во „Колибри“ секој вторник ја следите серијата „Живиот свет околу нас во стиховите на Трајче Кацаров“.
Бидејќи писателите секогаш бараат инспирација во своето опкружување за она за што пишуваат, еве како Кацаров дошол до идеја да пишува за живиот свет.
– Во дворот на старата куќа каде што растев живееја: кучето Џони, мачката Донка, магарето Марко, свињата Мила, петлето Мерко и кокошките, пет на број. Секогаш кога ќе се појавев во дворот се редеа во круг околу мене. Секое од нив ми се обраќаше на својот јазик. Плачев и се лутев сѐ до мигот кога почнав да ги разбирам. Колку само беа радосни додека бараа да ги милувам и хранам. И јас бев среќен зашто од најголемиот, најумниот учител – природата, учев како да бидам добaр. Како што растев така растеше и желбата во мене никогаш да не се разделам од животинскиот свет – да бидам, ако не друго, барем негов поет – ни раскажа познатиот писател.
Се разбира, овие интересни едукативни стихови, преку кои ќе ги запознаете инсектите, животните и растенијата, нека бидат поттик за вас и самите да напишете некоја слична песничка. И, се разбира, пратете ја на нашата адреса, ние со задоволство ќе ја објавиме.
Ве сака вашето „Колибри“!
ВО СВЕТОТ НА РАСТЕНИЈАТА
ГРОЗЈЕ
Нема грозје без лозје
Ниту лозје без грозје
Некои од него вино прават
Други, пак, свежо го јадат
ДУЊИ
По старо баба Душка
На орманот ги реди
А тие, пак, како лампиони
Меѓу ароматичните плодови
Се шампиони
ДРЕНКА
Под ниедна дренка
Нема сенка
Затоа пак силен
Ќе раснеш
Штом ја каснеш