Светскиот ден на водата го одбележивме вчера, на 22 март, но тоа е убав повод да го прочитаме расказот „Од планината до славната“, со нашите добро познати Вики и Влатче, кои континуирано и неуморно се грижат за заштита на животната средина, а се надеваме дека тоа, драги деца, и вас ќе ве потикне повеќе да мислите за екологијата и, секако, за рационалното користење на водата
ЕКОКАТЧЕ СО ВИКИ И СО ВЛАТЧЕ ЗА ПАТОТ НА ВОДАТА И НЕЈЗИНОТО ЗНАЧЕЊЕ
Првите пролетни денови беа топли, иако март е непредвидлив. Може во мигот сонцето да го снема и да заврне дожд. Но ете, за среќа, денес е недела, а денот е сончев и топол. Децата чуда прават. Родителите на Вики и на Влатче додека не се здружија тие двајца, не беа толку блиски, но сега станаа како едно семејство. Често времето го минуваат заедно. Денес двете семејства решија убавото време да го искористат во природа. Ќе одат во селото Добреноец, во близината на Кичево.Таму има рибен ресторан и многу убава природа.
Децата се пресреќни. Томислав и Горде, родителите на Вики, и Славица и Кире, родителите на Влатче, заедно со Вики и со Влатче и со Симон, братот на Вики, се организираа во два автомобила и тргнаа на пат. Патот не е краток.
По пат е весело. Едниот автомобил е прв, потоа другиот го престигнува, се слуша музика во автомобилите, а Вики и Влатче си мавтаат од прозорците.
Штом наближија, можеа да забележат дека од двете страни на патот има прекрасни дрвореди, кои натаму кон планината градат цела шума, од која се слуша црцорот на врапците и ластовиците, кои пред неколку дена се вратија од југ.
Ја видоа ознаката за селото, свртија и, движејќи се по кривулестиот селски пат, стигнаа до еден ресторан. Пред ресторанот ги паркираа автомобилите, а потоа сите се растоварија.
Тетка Горде, мајка ѝ на Вики, како и секогаш кога одат некаде, прва се јавува да одржи кратка лекција за однесувањето и да им даде понекој совет на децата. Симон, ти си поголем од нив и води грижа доколку тргнете да шетате наоколу. Ние ќе седнеме во ресторанот и ќе порачаме храна. Не задржувајте се предолго, откако ќе порачаме, за триесетина минути ќе го донесат јадењето и не сакам да ве барам и да ве викам за ручек. Значи, за триесет минути дојдете тука.
И така Вики, Влатче и Симон, малата еколошки настроена екипа, тргна да го истражува овој чудесен простор, полн со зеленило и со вода.
Под ресторанот ги видоа рибниците полни со пастрмка. И, се разбира, љубопитните срца на дечињата ги натераа да одат низ бетонските ѕитчиња од коритата со риби и да ги набљудуваат рибите.
Малку подолу се наоѓаше една селска чешма. Штом ја здогледаа, се упатија натаму. Таму ги пресретна еден средовечен чичко.
– Добар ден – едногласно поздравија децата.
– Добар ден од мене, дечиња. Од каде сте вие?
– Од Скопје – рече Вики.
– Дојдовме малку на излет – продолжи Влатче.
– Па, сега еве малку шетаме низ селово – рече Симон.
– Браво. Вие сте сега во едно од најубавите села. Ако не беше ова село и изворот што го има тука, еден куп луѓе ќе немаа вода за пиење.
– Навистина? – подзинато прашаа децата.
– Да, да… ако сакате, дојдете со мене, ќе ви покажам каде е изворот и од каде протекува реката, но прво мора да им кажете на родителите.
Децата заедно со чичкото отидоа до рибниот ресторан, чичкото се запозна со родителите и им ја кажа намерата, а тие рекоа дека исто така би сакале да одат, но штом ќе завршат со ручекот, па го поканија човекот да седне со нив.
По ручекот, составен од салата и од познатите пастрмки, и се разбира по пријатниот разговор, сите заедно тргнаа кон местото каде што сакаше да ги одведе новозапознаениот пријател.
По кратко време стигнаа до река каде што водата беше темнозелена, а над неа беа надвиснати врбовите гранки од штотуку процветаните врби.
– Пријатели, ова е реката Студенчица, извира од изворот што исто така се вика Студенчица, тој се наоѓа, ене, онаму нагоре, во подножјето на планината Бистра. Таму не смее да се оди, зашто изворот е заштитен и покриен, за да не биде загаден. Од овој извор пијат граѓаните од Кичево, од Македонски Брод, од Крушево и од Прилеп. Знаете ли колку многу жители се тоа? Затоа строго се чува и е под надзор, оти не смее ни едно влакненце да падне таму.
– И како стигнува водата дури до тие градови? Е хе, па колку време треба за да стигне водата до Крушево – љубопитно праша Влатче.
– Колку љубопитни дечиња. Имате среќа што јас работам во јавното претпријатие за водоснабдување „Студенчица“, па можам подетално да ви раскажам. Водата од изворот прво истекува во посебни базени, таму се филтрира и се хлорира, а потоа патот го продолжува низ цевки. Изворот Студенчица е многу силен и затоа тој се нарекува вруток. Под притисокот, водата таа тече низ цевките и стигнува во помали цевки, па потоа до славините во домовите на луѓето. Таа вода ја користат и многу фабрики, ја користат и фармите, а и одгледувачите на земјоделски култури. Некаде каде што има потреба се користат и пумпи за водата да стигне на пример до погорните катови на зградите.
– Леле, колку интересно – воскликна Вики.
– Секој ден пиеме вода, а не знаеме од каде доаѓа – рече Симон.
– А ние во Скопје од каде пиеме вода – праша Влатче.
– Од изворот Рашче, во селото Рашче, но и од бунарите кога има потреба – рече чичкото.
– А гостиварци од каде пијат вода – праша Симон.
– Тие со вода се снабдуваат од Вруток, од каде што извира реката Вардар – рече чичкото.
– Но сега да не ви откривам сѐ. Бидејќи сте толку љубопитни, сами откријте од каде пијат вода во другите градови и села во Македонија. Јас сега уште малку треба да одам на работа, а вие останете ми со здравје. Мило ми е што ве запознав.
Сите се поздравија со чичкото и тргнаа надолу по патот. Полека денот одминуваше, децата и родителите се сместија во автомобилите и исполнети од прекрасниот ден тргнаа кон дома. По патот направија пауза и си купија убав мед. Додека траеше патувањето, и Вики и Влатче посебно во автомобилите на своите родители кроеја планови како да ги посетат другите извори, па да им раскажат на соучениците, и беа многу среќни што дознаа како водата од планините стигнува до славините. Сфатија колку е важно да се чуваат изворите и колку се среќни што пијат чиста вода. Научија дека треба да бидат благодарни за секоја капка, затоа што секоја капка вода е живот за некое бубаче, за некое цвеќенце, за некое животинче, за некое детенце…
ЕКОЛОШКИ КАЛЕНДАР
5 Март – Светски ден на енергетската
ефикасност
10 Март – Ден без чад
14 Март – Меѓународен ден против
браните, за реките, водата и животот
19 Март – Светски ден на ластовичките
21 Март – Светски ден на шумарството
22 Март – Светски ден на водите
23 Март – Светски ден на метеорологијата
27 Март – Час за нашата планета