Вкусно ли ви е кога она што го јадете има малку лут вкус? Јас не сакам многу лута храна, но има еден зеленчук чиј малку лут вкус многу ми одговара. Пред неколку дена посеав од семето на тој зеленчук и сега им се радувам на новоникнатите растенија. Ќе ви кажам кога ќе пораснат и ќе ве поканам заедно да ги пробаме стасаните корени што се јадат. Значи, од ротквичката ги јадеме црвените топчиња, кои внатре имаат бела боја. Инаку, тие црвени топчиња растат под земја. Е па, мислам дека многу нешта ви раскажав за овој зеленчук и сигурен сум дека погодувате за што се работи. Погодивте? Но да видиме уште што ќе ни открие песничката за овој вкусен пролетен зеленчук.
Го поттикнува варењето на храната
’Рдоквата народски си ја викаме ротквичка, иако правописот поинаку нѐ учи. ’Рдоквата се користи во салати и сокови и е погодна за да им го зголеми апетитот на оние што не се многу по јадењето. Нејзините состојки ја подобруваат работата на цревата, односно на системот за варење на храната. Таа содржи многу малку калории и најголем дел од неа всушност содржи вода и токму затоа е сојузник на добрата физичка форма и се користи во диетите за слабеење. Црвената боја на ротквичката доаѓа од пигментот антоцијан, а тој пак го гарантира доброто здравје на целото тело.
Уште да ви кажам дека нема потреба пред јадење да го лупите црвениот дел како што прават некои, бидејќи лупејќи го тој дел се губат голем дел од корисните состојки на ’рдоквата.
Ајде сега, трк во зеленчуковата градина или на пазар, да си купите ’рдокви. Не се многу скапи, а се многу корисни. При изборот, внимавајте топчињата да се цврсти, а ливчињата на снопчињата да бидат свежи и зелени. На здравје!
’Рдоква
Од Средна Азија вјасала,
и во нашите бавчи стасала,
а ја има во целиот свет…
Еве и кај нас, на пазарите,
во снопчиња начичкани,
а во секое по ’рдокви пет.
Ротквичката однадвор црвена,
а внатре бела, и во салата
со кромид се комбинира.
Во соковникот со вода,
дружбите со морковот
најубаво ѝ одат.
Малку можеби е лута,
ама е одличен штит,
затоа јадете ја ротквичката
чува од настинки и грип.
Уште Египќаните древни
ротквичката многу ја јаделе
велат, уште одамна
кога Кеопсовата пирамида ја граделе.
За авторот
Филип Димкоски е поет од младата генерација македонски литературни творци кој пишува и за деца и за возрасни. Покрај тоа тој е дипломиран земјоделски инженер, новинар и долгогодишен соработник на „Колибри“ и „Нова Македонија“. Автор е на поетските книги „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“, „Заедно да растеме“ и „Во градината има само љубов“. Добитник е на повеќе награди,а поезијата му е препејувана и објавувана на повеќе јазици во десетина држави.